Од ноќеска горивата повторно поскапуваат
Регулаторната комисија за енергетика ја донесе својата најнова одлука за малопродажните цени на горивата во нашата земја
Нов бран на поскапувања на горивата во нашата земја. Откако во изминатите неколку дена цените доживеаја промени, почнувајќи од 24 март, кога и бензините и дизелот поскапеа за три денари, а потоа и дизелот скокна со цена повисока и од Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98, од РКЕ пристигнува одлука за ново поскапување на горивата од ноќеска на полноќ.
Според најновата одлука, малопродажните цени на горивата се зголемуваат за денар и половина, што е зголемување во просек за 2,22 проценти во однос на одлуката која беше донесена на 25 март.
Ова значи дека од ноќеска на полноќ Еуросупер БС-95 ќе се продава по 83,50 денари, литар Еуросупер БС-98 ќе чини 85,50 денари, а за литар наточен Еуродизел ќе плаќане 87,50 денари.
Од РКЕ истакнуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за речиси 1,8 проценти, а кај дизелот за 2,4 проценти.