Од Volkswagen потврдија: Polo нема да добиe R верзија
Компанијата Volkswagen ја проширува својата понуда на R модели, но меѓу нив нема да се најде малиот градски автомобил Polo
Минатата година Volkswagen лансираше T-Roc R, додека минатиот месец дебитираше и Touareg R. Најавено е дури и дека ID семејството на Volkswagen ќе добие своја R верзија која ќе биде патничка верзија на мошне успешниот ID.R електричниот тркачки автомобил. Следниот R е веќе пред својат премиера, а станува збор за најперформансниот Golf кој од германската компанија го нарекоа „ултимативна возачка машина“, но овој модел ќе биде и најмал во R семејството, со оглед на тоа дека нема да има Polo R.
„Polo R не би успеал. Кога ќе видиме што се клиентите имаат во понудата, интересот постои, но би бил пренизок. Од друга страна, трошоците би биле преголеми“, изјави шефот на VW R одделот Јост Капито.
Побарувачката е главниот двигател за брендот да воведе нов модел во понудата, а со оглед на тоа дека во Volkswagen не сметаат дека Polo R би бил успешен на пазарот, поради тоа воопшто нема да трошат време во неговиот развој.
Шпекулациите за Polо R се појавија уште од 2014 година кога од Volkswagen истакнаа дека нема да има таков модел, но во 2017 година се појави извештај во кој е наведено дека Polo R со 300 КС е во тестирачка фаза. Ентузијастите почнаа да се надеваат дека ќе го видат малиот моќен хечбек, меѓутоа, изјавата на Капито е јасна потврда дека Polo R нема да се најде во понудата на германскиот производител.