fbpx

Одложен е и Goodwood Фестивалот на брзината

Новиот коронавирус продолжува да ги „минира“ сите автомобилски настани и манифестации, па така на ред дојде и Goodwood фестивалот на брзината

Пандемијата на коронавирусот дефинитивно го промени начинот на живот на кој е навикнато нашето општество. Со оглед на тоа дека поради Covid-19 се откажуваат или одложуваат голем број настани, навистина не треба да зачудува официјалното соопштение на организаторите на Goodwood Фестивалот на брзината дека и оваа традиционална и мошне популарна манифестација оваа година ќе биде одложена.

Организаторите потсетуваат дека Goodwood Фестивалот на брзината требаше да се одржи од 9 до 12 јули, како и дека новиот термин ќе биде соопштен во следните недели. Исто така, сите влезници кои се купени досега ќе важат и за новиот термин. Годинава на овој настан требаше да има и неколку светски премиери на перформансни модели од страна на автомобилските производители, пред се Volkswagen Golf R, кој љубителите со нетрпение го исчекуваа.

Covid-19 предизвика огромно пореметување на сите настани, пред се интернационални настани во автомобилскиот календар. Formula 1 веќе откажа неколку трки, додека некои ги одложи, голем број интернационални автомобилски саеми се исто така откажани или одложени, пред се Салонот во Женева.

„Во изминатите неколку недели, работевме заедно со сите инволвирани со цел да видиме колку е изводлива организацијата на Фестивалот на брзината во јули. Поради несигурната ситуација со коронавирусот и поради фактот што не можеме да знаеме дали ќе има значително подобрување до тогаш, ние за жал мораме да го одложиме настанот“, изјави Чарлс Гордон-Ленокс, војводата од Ричмонд и сопственик на имотот Goodwood.

Според ситуацијата, Goodwood Фестивалот на брзината би можел да се одржи кон крајот на летото или на почетокот од есента.

Поврзани вести

Back to top button