Одржувањето на Bugatti Veyron чини цело богатство
Освен што за да го имате во своја посед ќе треба да издвоите милионска сума, одржувањето на Bugatti Veyron исто така е ненормално скапо
Ако мислевте дека промената на маслото на вашиот автомобил чини многу пари, почекајте додека да слушнете колку тој зафат чини на Bugatti Veyron.
Претходникот на Chiron и денеска е поим за автомобил од соништата. Со години по крајот на производството, неговата цена на пазарот повторно расте. Но, вистинскиот предизвик е самото поседување на автомобилот.
Покрај исклучително скапата полиса на осигурување, трошоците за одржување одат до небо, без разлика дали ќе го возите или не. Како што е познато, само промената на маслото, која е мошне комплексна, чини околу 25.000 долари.Толку би ве чинело да купите нов компактен SUV автомобил. Притоа треба да се напомене дека Bugatti препорачува промена на сите течности во автомобилот барем еднаш годишно.
Авторот на видеото, Мени Козбин, нагласува дека поседувањето на Veyron е исклучително скапо. Тој поседува два, а едниот е дограден во работилницата на тјунерската куќа Mansory. Освен тоа, Козбин наскоро ќе го преземе и својот Bugatti Chiron. Трошоците за него се уште поскапи, а сет нови гуми ќе го чинат „само“ 8.000 долари.
Покрај наведената промена на масло, потребно е да се менуваат и гумите, и тоа на секои две до три години. Тоа се уште дополнителни 38.000 долари. Потоа, по прејдени 16.000 километри треба да се купат и нови алуминиумски фелни, а тоа се дополнителни 50.000 долари. Со тоа се доаѓа до сума од 100.000 долари. Притоа, се уште не дошло до некој посериозен сервис. Потрошувачката на гориво исто така е огромна.
Лудите трошоци беа откриени пред една година
Лудите трошоци за одржување на Veyron беа откриени пред околу една година кога EPA сертификацијата за апликација се појави на интернет. Тогаш стана јасно дека замената на секој турбо полнач чини 6.400 долари и приближно 9.000 долари за работна рака. Ладилникот чини 9.000 долари, а во Veyron има два такви. Работната рака за секој од нив чини уште 2.000 американски долари. Прилагодувачите за коленесто вратило можеби чинат само 800 долари по парче, но сопственикот мора да плати огромни 21.000 долари за работна рака, бидејќи самата постапка бара одредено расклопување на моторот. Сепак, убедливо најскап дел е резервоарот кој чини 20.000 долари, плус 22.000 долари за да се замени.
Оној кој може да си дозволи да потроши неколку милиони за автомобил веројатно не се грижи за потрошувачката на гориво и останати трошоци. Сепак, кога една вечера во елитен ресторан чини помалку од горивото кое е потребно за да стигнете до таму, ќе имате интересна приказна да им раскажете на своите пријатели милионери.
Кога се ќе се собере и одземе, некогашната пресметка од 300 долари по поминат километар и денеска е доста реална.