fbpx

Официјално претставен новиот Cupra Leon

Seat кон крајот на јануари на јавноста и го претстави новиот Leon, а сега и шпанскиот перформансен бренд Cupra ја претстави својата верзија

VW групацијата се подготвува за голем атак во хот хеч сегментот, а од сите производители во рамките на групацијата, честа први да го претстават својот модел доби спортскиот подбренд на Seat. Cupra ја претстави својата верзија на Leon која ќе биде достапна како хечбек или караван опција (Cupra Leon ST), со најава дека овие модели на почетокот на март ќе ја имаат својата премиера и на Саемот за автомобили во Женева.

И Cupra Leon доби MQB платформа, далеку помодерен и попростран ентериер со квалитетни материјали, голем број безбедносни и системи за асистенција на возачот, нов инфозабавен систем со 10-инчен екран, дигитална инструмент табла од 10,25-инчи, како и гласовни команди, Android Auto и бежичен Apple CarPlay. Кога станува збор за димензиите, Cupra Leon хечбек верзијата е долга 437 сантиметри, широк 180 cm и висок 146 cm, додека караванската верзија има должина од 464 cm и висина од 145 cm, а меѓуосовинското растојание изнесува 269 сантиметри.

Секако, во пакетот е и поагресивниот изглед, што подразбира предна маска во форма на саке со логото на Cupra, изменети браници, преден спојлер, поголеми отвори за воздух, сет прагови, заден дифузор, заден покривен спојлер и така натаму… Од Cupra ги истакнуваат и посебните бои ексклузивни за моделот, како што се Desire Red и Graphene Gery, како и две мат бои Magnetic Tech Matt и Petrol Blue Matt.

Освен тоа, овие модели имаат и спортски адаптиран систем на потпирање (автомобилот е понизок за 25 mm напред и 20 mm pozadi), издувен систем со четири издувни цевки, Brembo систем за кочење со дискови од 370 mm, алуминиумски тркала со детали во бронзена боја (од 18 и 19 инчи), како и дотеран ентериер, односно Cupra управувач со рамен долен дел, спортски седишта и педали и детали во бронзена боја.

Cupra Leon само со автоматски DSG менувач

Cupra примени навистина интересен рецепт, покрај тоа што ќе доаѓа во две верзии, исто така треба да се напомене и дека перформансниот Leon ќе пристигне во понудата со повеќе мотори. Кога станува збор за погонот, во понудата најпрво е истакнат plug-in хибридот. Хибридниот склоп го сочинуваат електромотор и 1,4-литарски турбо агрегат. Тие заедно доставуваат моќност од 242 КС и 400 Nm. Се истакнува дека овој хибрид е во состојба да помине до 60 километри користејќи ја само електричната енергија.

Конвенционалните модели се напојувани со 2,0-литарски TSI мотор. Во понудата се две варијанти – послабата која нуди 242 КС и 370 Nm, како и посилната која може да се пофали со моќност од 296 КС и 400 Nm. Сепак, последниот нема да биде најсилниот мотор во понудата на Cupra Leon. Тоа место е резервирано за Cupra Leon ST со погон на сите четири тркала, кој ќе располага со дури 306 КС и 400 Nm. Шпанскиот бренд соопшти дека овој караван е способен да забрза до 100 километри на час за помалку од 5 секунди, додека максималната брзина електронски е ограничена на 250 километри на час.

Она што би можело да ги разочара љубителите на овие автомобили е фактот дека во понудата нема мануелен менувач, туку сите модели се достапни исклучиво со осумстепен DSG автоматски менувач. Иако Cupra го претстави својот перформансен Leon, истиот нема да се појави на пазарот се до последниот квартал на оваа година.

Поврзани вести

Back to top button