Освежениот Hyundai Santa Fe пристигнува со plug-in хибриден погон
Детално рестилизираниот Hyundai Santa Fe беше претставен пред речиси еден месец, но за време на дигиталната премиера беа објавени само општите детали
Јужнокорејскиот производител Hyundai, реши да објави повеќе детални информации за „речиси новата“ генерација на Santa Fe, кој станува првиот модел на компанијата кој ќе го користи новиот Smartstream мотор. Имено, 1,6-литарскиот турбо мотор ќе се користи во Santa Fe хибридниот модел, каде ќе биде поддржан од страна на електромотор со 59 КС. Моделот ќе биде достапен со погон на две и на сите четири тркала, а погонскиот склоп испорачува 230 КС и 350 Nm вртежен момент.
Во понудата ќе се приклучи и plug-in хибриден погон, кој се потпира на истиот турбо мотор, но ќе пристигне со помоќен електромотор со 90 КС и 13,8 kWh литиум-јонска полимерна батерија. Моќноста ќе се испорачува на сите четири тркала благодарение на шестстепениот автоматски менувач, а погонскиот систем ќе испорачува 265 КС и 350 Nm вртежен момент.
Како додаток, за оние кои не се подготвени да се префрлат на електрифициран автомобил, Hyundai исто така нуди и подобрена верзија на 2,2-литарскиот дизел мотор. Во споредба со моторот кој го заменува, новиот агрегат користи алуминиумски блок, нова брегаста осовина и нов injection систем. Новиот четирицилиндричен мотор испорачува 202 КС и 440 Nm максимален вртежен момент, а ќе пристигне во комбинација со новоразвиениот осумстепен автоматски менувач со двојна спојка.
Темелно освежениот Santa Fe ќе се најде во продажба во Европа во септември годинава, а цените ќе бидат познати во пресрет на продажбата.