fbpx

Откажувањето на Женева ги смени програмите на производителите

Производителите на автомобили брзаат да ги реорганизираат прес-конференциите и претставувањата на автомобилите по откажувањето на Саемот во Женева

Повеќе од 160 излагачи требаше да ги претстават своите возила и услуги на 90-тиот Салон за автомобили во Женева, кој требаше да ги отвори своите врати за јавноста на 5 март, но истиот беше откажан од страна на швајцарските власти поради страв од ширење на коронавирусот.

Поради тоа, производителите излегуваат со нови планови, па така BMW и Mercedes-Benz соопштија дека ќе користат „livestreaming“ сервис за претставување на Concept i4, односно редизајнираната E Класа. Ferrari планира да организира алтернативни настани, додека Fiat Chrysler соопшти дека нема план „Б“, но ги разгледува потенцијалните начини за презентирање на новиот електричен Fiat 500.

Француски DS Automobiles, кој е под покривот на PSA групацијата, соопшти дека е во потрага по локација во Париз, каде што ќе го претстави новиот концептен автомобил, како и дека интервјуата со раководителите ќе бидат повторно закажани. Audi издаде информација дека преку дигиталните канали ќе ги лансира Audi A3 Sportback и E-Tron S.

Швајцарија во петокот ги забрани сите големи настани, кои собираат повеќе од 1.000 лица, со цел да спречи евентуално ширење на коронавирусот.

„Жалиме поради оваа ситуација, но здравјето на сите учесници е наш краен приоритет, како за нас, така и за сите излагачи. Ова е случај од „виша сила“ и голема загуба за производителите кои инвестираа големи суми во женевската презентација“, изјави Морис Туретини, претседателот на основачкиот одбор на Меѓународниот Салон за автомобили во Женева.

Минатата година 660.000 луѓе присуствувале на манифестацијата, а проценката е дека се генерирани помеѓу 200 и 250 милиони швајцарски франци. На посетителите кои купиле влезници ќе им биде надоместен трошокот, но не и на излагачите, бидејќи државните органи го откажаа салонот, а не организаторите.

Поврзани вести

Back to top button