Панорама Toyota Corolla hybrid: Легендата се враќа
Toyota Corolla е жива легенда која на пазарот е од 1966 и претставува најпродаваниот автомобил во историјата на компанијата
Постојат причини зошто Toyota Corolla е најпродаваниот автомобил на светот. Моделот кој се најде во сопственост на преку 45 милиони среќни купувачи и кој е на пазарот уште од далечната 1966 година преку 12 различни генерации. Во бројки се вклучува и непотребно преименуваната Corolla, Аuris, која се продаваше во две генерации во периодот помеѓу 2006 и 2018 година. Сега, сосема оправдано во Toyota одлучија да го вратат името Corolla, а иако станува збор за име со голема и богата историја, новата генерација на најпопуларниот хечбек на Toyota целосно е насочена кон иднината.
Toyota одлучи да направи одважен потег, а тоа не е само новиот дизајн кој остана мошне верен на студиските идеи. Во јапонската компанија ги споија инженерите и дизајнерите, па во процесот се загуби навистина малку од оригиналноста која се наоѓаше во оригиналната студија. Но, храброста на Toyota не застанува само тука, туку одлучи во целост да ги исфрли дизелските мотори во новата генерација на Corolla.
Corolla хечбек е полн погодок
Купувачите ќе можат да избираат меѓу три каросериски верзии од овој автомобил. Имено, понудата ќе ја сочинуваат класичниот хечбек со пет врати, потоа караванскиот Touring Sport како и Sedan, односно лимузина со четири врати. Очекувано, сите варијанти ќе бидат поставени на новата платформа на Toyota, TNGA-C. Оваа платформа, со пониското тежиште заедно со новиот систем на потпирање, во однос на претходната Corolla ќе допринесе за зголемување на управливоста и стабилноста на автомобилот, како и поголем комфор и безбедност на патниците. Ако се игнорира непотребната промена на името, Corolla остана тоа што е: Сигурен, економичен и квалитетен автомобил.
Иако сите три каросериски верзии се од исто семејство, во Toyota одлучија на секој автомобил да му дадат повеќе личен печат од вообичаеното. Така, лимузинската корола е со нешто посодржаен преден крај и поелегантни странични линии во однос на поагресивниот хечбек. Специјално за европскиот пазар развиениот каравен е пак мошне пријатна комбинација на стил и практичност, па така Toyota нуди оптимално решение за секого во понудата на Corolla.
Хечбек верзијата е нешто поголема во однос на претходникот. Со други зборови, неговата должина изнесува 4.370 mm, ширината е 1.790 mm, а висината 1.435 mm, додека меѓуосовинското растојание 2.640 mm. Со тоа Corolla ги покажа целосно новите пропорции кои делуваат навистина интересно и поагресивно. Но, храбриот дизајн зеде и мал данок, со оглед на тоа дека капацитетот на багажникот изнесува 361 литри, односно 1.052 литри со спуштена задна клупа, што е нешто помалку од просекот во компактната класа кој изнесува помеѓу 380 и 400 литри.
Corolla со својата хечбек верзија традиционално се насочува кон помладите возачи, а веќе на прв поглед е јасно дека дизајнерите погодија директно во метата. Автомобилот се одликува со динамичен и агресивен дизајн, што се поистоветува со ветувањето на претседателот на Toyota, Акиа Тојада, дека јапонската компанија никогаш веќе нема да прави досадни автомобили. Во споредба со Auris, карактерот на новата Corolla е подинамичен благодарение на пошироката и пониска каросерија. Автомобилот изгледа спортски и компактно од секој агол, а висината е намалена за 25 милиметри. Од предната страна е забележителна агресивната маска на ладилникот и широките светла кои пенетрираат длабоко во маската, а со еден дел од LED диодите и во браникот. Динамичниот израз е поддржан и со дизајнот на браникот инспириран од дизајнерската филозофија Under Priority Catamaran, чиј изглед наѕира и на задниот дел, со браник украсен со длабоки прорези. Задниот дел е препознатливо дизајниран што ѝ дава уникатен изглед на Corolla.
Toyota не отстапува од своите замисли
Внатрешноста на новата Corolla не се разликува од остатокот на моделите на Toyota. Базата останува класична, но е спакувана во многу поквалитетни материјали, подобра завршна обработка и помодерни главни инструменти. Така, тука се наоѓа и аналогно-дигиталната инструмент табла со 7-инчен екран во средината на кој се прикажува брзинометарот и останатите информации од патниот компјутер и новоразвиениот инфозабавен систем со 8-инчен екран. Иако делува поголем, сепак во неговите рабови се вградени механички прекинувачи, поради што како финален производ е помал, но секако поинтуитивен за користење. Дизајнерите во Toyota одлучија да го потпрат главниот екран на среднишниот гребен со што се добива впечаток дека излегува од него, благодарение на материјалите и дизајнот. Забележливи се некои врски со претходникот, но објективно, доживувањето е сосема поинакво.
Предните седишта се доволно големи и удобни, а долгите возења нема да бидат заморни за возачите или патниците. Благодарение на подесувањата во сите насоки и највисоките возачи без проблеми ќе пронајдат удобна позиција. Трикракиот кожен волан е добро одмерен и содржи команди за сите поважни функции.
Збогум за дизел моторите
Како што е веќе напоменато и познато, новата Corolla не е достапна со дизел мотор, а од Toyota тврдат дека новиот хибриден состав им нуди на купувачите подобри возни способности, поквалитетни перформанси и повисоко ниво на економичност. Така, за хечбек верзијата во понудата е достапен само 1,2-литарскиот турбо бензински мотор со 116 КС кој достигнува до 200 километри на час, а до „стотка“ стигнува за 10,3 секунди. Во понудата е и 1,6-литарскиот бензинец со 130 КС, со рачен и автоматски менувач, но тој се наоѓа само кај седан верзијата.
Тука се и двете хибридни изведби со 1,8-литарскиот хибрид со 122 КС, од кои 98 КС се припишуваат на бензинецот, а 53 kW е силата на електромоторот кој придонесува за вкупни 163 Nm највисок вртежен момент, и 2,0-литарскиот хибрид со 180 КС чиј конвенционален мотор развива 153 КС, а електромоторот допринесува со 80 kW за вкупен максимален вртежен момент од 202 Nm. Послабиот хибрид развива 180 километри на час, а до стотка стигнува за 10,9 секунди. Посилниот хибрид од 0 до 100 km/h стигнува за 7,9 секунди, но неговата максимална брзина исто така е ограничена на 180 km/h. Батеријата кај послабиот хибрид има капацитет од 0,75 kWh, додека во посилниот 1,4 kWh.
Треба да се истакне дека вртежниот момент на електромоторот е достапен од самиот старт, што значи од 0 вртежи во минута, што и тоа како се чувствува при движење. Новите хибридни мотори го носат сето она што од нив и се очекува: тивки, интуитивни и со агилен погон. Бензинските мотор имаат помали димензии и маса, бидејќи се наменети за вградување во новата GA-C архитектура. Конструкторите успеаја дополнително да го намалат триењето на овие агрегати и да го унапредат системот на рециркулација на издувните гасови (EGR). Мора да се посочи нивната мирна и исклучително тивка работа. На крајот, користењето на Li-Ion акумулаторскиот модул се одразува на дополнително намалување на потрошувачката на гориво. Сето тоа е производ на подобрите, а помали батерии кои овозможуваат подолг радиус на движење на струја.
Стандарден пакет со високо ниво на опрема
Новата Corolla уште од стартот е замислена да пристигне со високо ниво на опрема веќе во стандардниот пакет, но тука се и уште неколку богати пакети на опрема, па можно е да се бира само од неколку основни опции. Во нашата земја, купувачите ќе можат да избираат меѓу шест верзии на пакети. Па така, освен базичниот Comfort, тука се и Executive, Executive Bi-Tone, Luxury, Luxury+ и Luxury Pano Roof кој е достапен само кај караванската изведба. Секако, сите овие пакети можат дополнително да се опремат со голем број на опции.
Кога станува збор за цените, новата Toyota Corolla во хечбек верзијата, за опцијата со 1,2-литарскиот турбобензинец со 116 КС со шестстепен мануелен менувач во Comfort варијанта изнесува 18.209 евра, додека Executive опцијата изнесува 20.990 евра. Истиот мотор со автоматски менувач во Executive ниво на опрема изнесува 22.490 евра.
Кога станува збор за хибридните мотори, тука изборот е многу поголем. Така, Comfort верзијата со 1,8-литарскиот хибрид со 122 КС и автоматски менувач за хечбек варијантата изнесува 21.740 евра, а Executive oпцијата е 25.190 евра. Оние кои сакаат повеќе луксуз, за Luxury опцијата ќе треба да платат 28.840. За опцијата со посилниот 2,0-литарски мотор со 180 КС, купувачите ќе мораат да издвојат 31.490 евра за Luxury опцијата која во овој случај е базична, додека за Luxury+ верзијата цената е 33.490 евра.
Toyota Corolla Hybrid е финалист и кандидат за наградата во изборот на Златно тркало во категоријата најпосакуван електрифициран автомобил во Македонија. Доколку Toyota Corolla е вашиот фаворит, не заборавајте да гласате на www.zlatnotrkalo.mk.