Porsche 911 Sport Classic – враќање во иднината
Porsche го претсатви новиот 911 Sport Classic, модел инспириран од минатото кој со себе носи ретро мотиви, но и спектакуларни перформанси
Во Porsche се мајстори за производство на ограничени и специјални едиции на својот 911 модел, а исклучок не е ниту 911 Sport Classic, изграден врз носталгија кој без дилеми ќе го привлече вниманието на купувачите. Новата инкарнација на Sport Classic серијата го следи истиот пат како и оригиналниот 911 Sport Classic од 997 генерацијата, но овојпат наместо 250, Porsche ќе понуди 1.250 примероци од моделот базиран на 992 генерацијата.
Уникатен и дистинктивен дизајн
Како и претходно, оваа ограничена серија на Porsche Exclusive Manufaktur го оживува стилот од 60-тите и 70-тите години на минатиот век, а изгледот е инспириран од оригиналниот 911 (1964-1973) и 1972 911 Carrera RS 2.7. Широкиот боди кит, CFRP елементите, фиксираниот заден спојлер и карбонскиот „double-bubble“ покривот ја нагласуваат карактеристичноста на новиот 911 Sport Classic.
Како и со моделот лансиран во 2009 година, дизајнерите се инспирирани од Fashion Grey бојата на раните Porsche 356 при изборот на ексклузивниот финиш за новиот модел од ограничена серија, па така новиот 911 Sport Classic е првото возило кое ја добива Sport Grey Metallic фарбата. Како алтернатива на ова, новиот 911 Sport Classic е исто така достапен во Solid Black, Agate Grey Metallic и Gentian Blue Metallic.
Ретро доживување во ентериерот
Вистинското уживање пристигнува во кабината, каде Porsche користи шема наречена Pepita Design за седиштата заедно со Classic Cognac кожа која се наоѓа и на долниот дел од контролната табла и панелите на вратите. На контролната табла се наоѓа и тенко парче Paldao дрвен трим. Освен ова, за сопствениците на овој уникатен модел, Porsche Design подготви и уникатен високо-квалитетен часовник кој споделува неколку дизајнерски елементи со 911 Sport Classic автомобилот.
Но, новиот Porsche 911 Sport Classic не е само за изгледот. Напротив, германскиот производител подготви извонредни перформанси и уникатен погонски концепт составен од 3,7-литарскиот битурбо реден шестцилиндерски мотор со 550 КС кои се испраќаат на задните тркала благодарение на седумстепениот мануелен менувач, што го прави новиот 911 Sport Classic најбрзиот мануелен 911 достапен денес.
Од Рorsche истакнаа дека првите примероци ќе се најдат на продажба во јули во Германија, а цената на 911 Sport Classic на овој пазар изнесува 274.714 евра.