Porsche планира уште помоќна хибридна Panamera
Porsche пред неколку дена официјално ја прикажа освежената Panamera, а веќе пристигнуваат гласини дека се работи на нова варијанта на моделот
Porsche со освежувањето направи и неколку промени кај понудата за Panamera, па така сега ја воведе целосно новата Panamera Turbo S верзија која е на врвот на понудата, а неодамна постави и рекорд на Нирбургринг за автомобилите од својата класа. Но, Porsche сака да создаде уште помоќен автомобил, а за такво нешто е потребна хибридизација.
Panamera Turbo S располага со 620 КС и 820 Nm максимален вртежен момент, но иако станува збор за фантастични бројки, инженерите на Porsche се убедени дека можат да направат уште подобри резултати од овие.
Според шпекулациите, германскиот гигант во моментов работи на нова варијанта на хибриден погонски склоп кој би го вклучувал V8 агрегатот кој се наоѓа во Panamera Turbo S и со тоа ќе настане Panamera Turbo S E-Hybrid. Според најновите информации, оваа хибридна „ѕверка“ ќе располага со дури 740 КС, што е веќе во дометот на суперавтомобилите.
Сепак, не треба да се очекува дека Pаnamera Turbo S ќе го загуби својот трон така лесно во Нирбургринг, бидејќи идната хибридна варијанта ќе има и значително потешка маса од споменатата верзија, а тоа нема да и помогне во поставувањето на нов рекорд на славната патека.