Премиера за целосно новата Toyota GR 86
Пет месеци по премиерата на Subaru BRZ, Toyota одлучи да ја претстави својата верзија на спортското купе, моделот GR 86
Toyota напорно работеше за да го направи заеднички развиениот спортски автомобил поуникатен, а резултатот на сето тоа е целосно новиот GR 86. Спортското купе на јапонскиот производител е третото возило во поставата на Toyota GR, пристигнувајќи по GR Super и GR Yaris.
Како и при создавањето на првата генерација на двете спортски купеа, Toyota и Subaru соработуваа на новите GR 86 и BRZ, а двата модели имаат мошне сличен изглед, но се одликуваат со сопствени детали. Кога станува збор за купето на Toyota, GR 86 ја добива Functional Matrix решетка слична како онаа која се наоѓа кај GR Yaris, додека светлосниот потпис на фаровите исто така е поинаков во однос на BRZ.
Ентериер насочен кон возачот
Меѓу останатите нови карактеристики на екстериерот тука се аеродинамичките компоненти инспирирани од мотоспортот, како што се специјалните отвори за воздух и страничните прагови кои велат дека ја унапредуваат управливоста и стабилноста на автомобилот.
Кога станува збор за ентериерот, од Toyota велат дека истиот е оптимизиран за да го максимизира возачкиот фокус, поставувајќи го инфозабавниот систем на начин кој ја намалува потребата за тргнување на погледот од патот, а освен тоа, 7-инчниот екран сега добива помодерен изглед. Остатокот од дизајнот на внатрешноста може да се опише како функционален. Со новите унапредувања, GR 86 влегува во модерното доба, но исто така има корист и од некои „олд скул“ додатоци. Тука се уште се физичките команди и прекинувачи кои нудат „хаптички фидбек“ за возачот, кои секако се одличен момент во време кога останатите производители ги поставуваат сите команди на екраните за допир.
Врвна управливост и возачка динамика
Иако успеаја да ја задржат тежината на возилото на истите 1.270 килограми, од Toyota велат дека вложиле дополнителен напор за GR 86 да добие уште подобра управливост од својот претходник, кој е познат по своите возачки динамики. Стратегијата за користење на лесни материјали како алуминиум за покривните панели и крилата очигледно даде резултат, а од Toyota успеаја да го задржат на ниско ниво и самото тежиште на автомобилот. Тоа, во комбинација со 50-процентно зголемување на торзионата крутост, резултира со вистински динамичен автомобил, велат од Toyota.
Под хаубата на Toyota GR 86 се наоѓа истиот природно аспириран 2,4-литарски четирицилиндерски мотор кој се наоѓа кај Subaru BRZ, со малку поголема моќност. Имено, агрегатот испорачува 235 КС и 250 Nm максимален вртежен момент, со што на GR 86 му се овозможува од нула до „стотка“ да стигне за 6,3 секунди, односно 1,1 секунди побрз од досегашниот модел.
Максималната моќност и вртежен момент пристигнуваат на 7.000, односно 3.700 вртежи во минута, а според Toyota, респонзивноста на моторот е засилена со цел да се обезбеди подобра транзиција од ниски до високи вртежи. Моќноста и понатаму се испраќа на задните тркала преку шестстепен автоматски или шестстепен мануелен менувач, зависно од побарувањата на купувачите.
Toyota GR 86 пристигнува и во Европа
Toyota GR 86 моделите со автоматски менувач пристигнуваат со EyeSight Driver Assist технологијата на Subaru, кој вклучува различни безбедносни карактеристики за избегнување на несреќи.
Изненадувачки, и покрај одложувањето, новиот GR 86 треба да се појави во продажба во Јапонија оваа есен заедно со својот „брат близнак“ од Subaru. Не е познато кога на останатите пазари ќе биде достапен автомобилот, но ако се суди според плановите на Subaru за BRZ, тоа би требало да се случи многу набрзо по појавувањето на матичниот пазар, односно кон крајот на 2021 или почетокот на 2022.
И покрај тоа што втората генерација на Subaru BRZ нема да се продава во Европа, Toyota сепак ќе го пласира GR 86 на Стариот континент, а европските спецификации ќе бидат претставени подоцна оваа година.