Премиера за Honda ZR-V, догодина доаѓа во Европа
Јапонскиот производител Honda го претстави новиот ZR-V кој ќе биде лансиран на матичниот пазар кон крајот на годинава, а од следната ќе пристигне и во Европа
Honda го претстави новиот ZR-V во Јапонија, кој е малку постилска верзија на кинескиот ZR-V и американскиот HR-V. Покрај визуелните измени, јапонскиот ZR-V е достапен и во форма e:HEV, со хибриден погон AWD кој исто така се очекува да стигне до Европа во блиска иднина.
Иако Honda истакна дека новиот HR-V е специјално развиен за Северна Америка, сепак новиот ZR-V претставен во Јапонија е речиси идентичен. Исто така, она што за нас е најважно, моделот ќе биде лансиран во Европа следната година за да се смести помеѓу HR-V и следната генерација на CR-V што беше претставена претходно оваа недела во САД.
Очекувано, јапонскиот ZR-V изгледа многу слично на неговите „роднини“, со исклучок на некои промени во облогата. Највпечатлива разлика е предниот браник кој ја отфрла црната облога за поеднаков изглед во боја на каросеријата. Решетката исто така добива уникатен третман, со вертикални процепи кои го заменуваат моделот на саќе. Амблемот на Honda има сини акценти, што укажува на електрифицираниот погон заедно со значката e:HEV на задната врата.
Во Европа исклучиво во e:HEV варијанта
Во внатрешноста, дизајнот е идентичен со американскиот HR-V, вклучувајќи ги интегрираните отвори за климатизација, физичките контроли за климатизација, слободно-стоечкиот инфозабавен екран на допир и дигиталниот инструмент кластер. Сепак, јапонските купувачи добиваат нов дизајн за автоматскиот менувач со копчиња на централниот тунел слични на CR-V e:HEV, плус различни опции за тапацирот создавајќи попремиум атмосфера.
Уште поважно, новиот ZR-V се нуди со хибриден систем и погон на сите четири тркала кој комбинира 2.0-литарски мотор, електричен CVT и два електрични мотори. Honda не ги откри деталните спецификации, но сличен 2.0-литарски хибриден погон се наоѓа во Civic e:HEV со погон на предните тркала, кој нуди комбинирана моќност од 184 КС. Ако ја оставиме настрана електрифицираната опција, постои и варијанта само со мотор на внатрешно согорување со 1,5-литарски турбо мотор поврзан со CVT менувач кој ја испраќа силата на сите четири тркала.
Honda ќе започне да прима нарачки за ZR-V во септември, пред неговото лансирање на пазарот во Јапонија оваа есен. Повеќе за моделот треба да се дознае во наредните месеци, а еквивалентниот европски модел е наменет за лансирање во 2023 година. За разлика од другите пазари, во Европа ќе ја добиеме само варијантата e:HEV како и со остатокот од поставата на Honda. Зборувајќи за хибрид, претстојниот Civic Type R ќе биде последниот автомобил на компанијата исклучиво со мотор на внатрешно согорување на Стариот континент.