fbpx

Продажбата на автомобили со огромен пад на глобално ниво, Кина се опоравува

Продажните резултати кога станува збор за нови автомобили во месец април се уште полоши од оние кои беа забележани во текот на март

Со оглед на тоа дека Европа најголемиот удар предизвикан од здравствената криза и пандемијата на новиот коронавирус го претрпе токму во минатиот месец, тоа во значителна мерка се одрази и на продажбата на нови автомобили на Стариот континент.

Во месец април на европскиот пазар се продале само 292.182 новорегистрирани автомобили, што е пад од огромни 78,3 проценти во споредба со истиот месец минатата година. Во првите четири месеци од 2020 година во Европа се продадени 3,3 милиони возила, со пад од 39 проценти на годишно ниво, пренесува Reuters.

Со оваа статистика се опфатени земјите членки на Европската унија, потоа Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн. Најголемиот пад на продажбата во април е забележан во Италија со дури 97,6 проценти, следува Обединетото Кралство со 97,3 проценти и Шпанија со 96,5 проценти, што не треба да зачудува, со оглед на тоа дека овие три земји се најжестоко погодени од Covid-19.

Драстичен пад и во Бразил, САД…

Volkswagen групацијата забележа намалување на продажбата од 75 проценти во истиот месец, Renault од 79,5 проценти, а PSA 82,4 проценти. Големиот пад на продажбата на нови автомобили во април не е карактеристичен само за европските држави.

Имено, во Бразил во изминатиот месец се испорачани за 77 проценти помалку нови возила во однос на април 2019 година, што е најлошиот месечен резултат во последните 20-тина години. Во април во Бразил се продадени 51.500 нови автомобили. САД во истиот месец регистрирал пад од 47 проценти (испорачани 707.800 автомобили) што е најлошиот месец уште од јануари 2010 година. Јапонија беше нешто помалку погодена, па продажбата на нови возила во април е намалена за 30 проценти (на 219.200 единици).

Од сите големи светски автомобилски пазари, најдобро помина Кина. Пазарот во оваа земја веќе се опоравува од кризата предизвикана од епидемијата на коронавирусот, па во април беа продадени дури 1,5 милиони возила со пад на годишно ниво од само 2 проценти.

Во првите четири месеци од 2020 година на кинескиот пазар се испорачани 4,4 милиони нови автомобили (-35 проценти).

Поврзани вести

Back to top button