„Протекоа“ плановите на Ferrari – патентиран електричен автомобил
Шефот на компанијата, Луис Камиљери, пред извесно време објасни дека електричен Ferrari ќе биде произведен кога технологијата ќе биде усовршена до мерка која е во склад со високите стандарди на компанијата
Ferrari важи за синоним за извонредност и традиција, поради што не треба да зачудува бавната транзиција на брендот кон електрификацијата. Но, тоа не значи дека Ferrari не размсилува на иднината. И покрај бавното усвојување на електрификацијата и изјавата на шефот Камиљери, италијанската компанија се обезбеди со тоа што поднесе патент за својот прв електричен автомобил минатиот јули.
Европскиот завод за патенти проектот го објави кон крајот на минатиот месец, а вестите започнаа брзо да се шират откако се појавија на еден форум. Според илустрациите од патентот, станува збор за спортски двосед со четири електромотори, што го прави моделот со погон на четири тркала. Агрегатите можат да работат независно, но конкретната поставка за која станува збор би можела да послужи и за хибриден погон.
Во текстот исто така се споменува дека една или две осовини можат да функционираат со конвенционален мотор, како и дека е возможно таквиот да биде во поставка и со сите четири електромотори.
Не е исклучена можноста илустрациите да се креирани чисто за демонстрација и пример, така што може да се случи примената на самиот патент на крајот да биде поинаква во однос на опишаното. Впрочем, често се случува патентите да не ја минат ни оваа фаза, па остануваат само обичен лист хартија.
Наскоро пристигнува хибридниот SF90 Stradale
Меѓутоа, конкретно во случајот со Ferrari, ова е потврда дека компанијата ја планира својата иднина во која електричните суперавтомобили ќе се движат по патиштата. Првиот чекор кон таа насока е веќе направен, со оглед на тоа што првите хибриди на компанијата, кои ќе станат норма, ќе бидат испорачани подоцна во текот на оваа година. Станува збор за моделот SF90 Stradale, кој воедно е и најсилниот сериски Ferrari досега.
Напојуван од 4,0-литарски V8 агрегат и три електромотори, тој испорачува 1.000 КС. До „стотка“ забрзува за 2,5 секунди и може да достигне максимална брзина до 340 километри на час.
А, не така одамна, поточно во 2016 година, тогашниот прв човек на Ferrari, Серџо Маркионе тврдеше дека „електрично Ferrari e речиси непристоен концепт, попрво убијте ме“, но се чини дека времињата се менуваат и кај италијанскиот производител на спортски автомобили.