Првиот електричен Ferrari доаѓа порано од очекуваното
Работите во Маранело се одвиваат со забрзано темпо, а доказ за тоа е и тоа што Ferrari го помести датумот на претставување на нивниот прв целосно електричен автомобил
Италијанскиот производител на суперавтомобили пред извесно време најави дека нивниот прв електричен автомобил ќе биде лансиран некој период после 2025 година. Но, сега сето тоа се менува, благодарение на напредокот кој го бележи компанијата. Како што пренесува Auto News, шефот на Ferrari, Џон Елкан, на акционерите им посочил дека првиот целосно електричен автомобил на марката од Маранело ќе дебитира токму во 2025.
Многу работи се променија во автомобилската индустрија откако Ferrari во 2019 година најави дека нивниот ЕВ ќе пристигне во втората половина на деценијата. Во последните неколку години автомобилските производители прават огромни инвестиции во електричните возила. Овие инвестиции ги намалуваат цените и ги подобруваат ЕВ перформансите, иако остануваат години додека првиот електричен Ferrari да се појави на пазарот. Италијанската компанија посочи дека најголемите грижи се токму ограничувањата на батериската технологија и долгото време потребно за полнење.
Засега има малку детали околу првиот ЕВ на компанијата, но кон почетокот на 2020 година Ferrari го патентираше својот „изум“ кој ги открива намерите на производителот. Иако патентот не прикажува нешто конкретно, докажува дека Ferrari сепак размислува за својата електрична иднина. Хибридите исто така ќе играат клучна улога во иднината на марката, а целта е до 2022 година 60 проценти од нивните продадени возила да бидат хибридни.
Првиот хибрид на Ferrari пристигна во 2019 година со SF90 Stradale, најмоќниот патнички автомобили во историјата на производителот. Компанијата од Маранело го спои 4,0-литарскиот V8 со три електромотори кои вкупно испорачуваат 1.023 КС и од нула до „стотка“ стигнува за 2,5 секунди и нуди движење во целосно електричен режим од 25 километри. Ова е само првиот чекор за компанијата кон електрифицираната автомобилска иднина. До претставувањето на првиот ЕВ во 2025 година, Ferrari во престојните месеци ќе прикаже и три нови модели.