Регулаторна со нови цени, дизелот поскапува, а бензинот поевтинува
Регулаторната комисија за енергетика ја донесе својата најнова одлука за малопродажните цени на нафтените деривати во нашата земја
По драстичното поскапување изминатиот период, Регулаторната комисија за енергетика донесе нова одлука за малопродажните цени на горивата во земјава, според која од вечерва ќе имаме делумно поскапување. Конкретно, цените се зголемуваат за 0,09 проценти во однос на последната одлука. Со други зборови, РКЕ одлучи да ги намали цените на бензините, а минимално да ја зголеми цената на дизелот.
Согласно методологијата за утврдување на цените, РКЕ одлучи цената на бензините Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 да се намали за 1,5 денари, додека Еуродизелот ќе поскапи за половина денар.
Ова значи дека за литар Еуросупер БС-95 од ноќеска на полноќ ќе треба да плаќаме 110 денари по литар, а за литар Еуросупер БС-98 ќе издвојуваме 112 денари. Од друга страна, Еуродизелот се израмнува со Еуросупер БС-95 и за секој литар наточено гориво ќе мора да се исплати 110 денари.
Од РКЕ истакнуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек кај бензините за 4,307%, а кај дизелот за 0,055%.