fbpx

Renault го освежи својот бренд идентитет за новата ера

Францускиот производител Renault, на специјален дигитален настан ги сподели деталите за своите идни планови во рамките на програмата наречена Renaulution

Renault, на специјален дигитален настан на кој чест да присуствува имаше и редакцијата на Авто Плус, ги сподели деталите околу програмата Renaulution. Француската компанија се осврна на ребрендирањето за електричната ера, новата Nouvelle Vague бренд стратегија, а исто така и официјално го претстави новото лого, кое за прв пат се појави пред извесно време.

Нашата редакција на конференцијата на Renault имаше можност подобро да се запознае со плановите на Renault, кои детално ги објаснија клучните луѓе на компанијата, меѓу кои извршниот директор Лука Де Мео. Секако, една од најглавните новини е воведувањето на новата Nouvelle Vague бренд стратегија, според која целта на компанијата е да се максимизира бројот на електрични возила до 2030 година.

Фокус на технологијата

Од друга страна, Renault не ги заборави ниту услугите и технологијата, а Лука Де Мео најави дека брендот ја оформува иднината на урбаната мобилност, пред се преку таканаречената „Software République“ најавувајќи дека над 2.000 инженери ќе работат на процесирање на информации, софтвер и микроелектроника, вештачка интелигенција и сајбер безбедност. Исто така и Re-фабриката на Renault ќе рециклира 120.000 автомобили годишно, а околу 80 проценти од тие материјали ќе се користат за нови батерии. Првиот човек на компанијата, Лука Де Мео, постави цел Renault да стане најдобриот производител кога станува збор за процентот на рециклирани елементи кои ќе се користат во новите автомобили.

„Успехот на групацијата многу зависи од нашата способност да го репозиционираме брендот во новиот вредносен ланец на одржлива мобилност. Модерноста се заснова на антиципацијата околу тоа што купувачите навистина го ценат и го очекуваат од мобилноста“, истакна Де Мео.

Офанзива во C и D сегментот

Меѓу другото, производителот на овој настан ги сподели и првите тизер фотографии за новата генерација на електричниот кросовер Megane E-Tech Electric, но ги сподели и деталите за новиот Arkana моделот, односно Megane Conquest како што ќе се нарекува на овие простори. Покрај ова, Renault најави уште седум електрифицирани автомобили во C и D сегментот кои ќе бидат претставени до 2025, а ќе ја добијат E-Tech Hybrid технологијата. Токму моделот Arkana ја најавува комерцијалната офанзива на Renault.

Renault е еден од лидерите на ЕВ пазарот во Европа, а клучни пазари за компанијата и понатаму ќе бидат Франција, Шпанија, Велика Британија, Италија и Германија, но брендот ќе се обиде да го зајакне своето присуство и во Бразил, Индија, Русија и Турција.

Кога станува збор за новото лого на компанијата, а кое за прв пат се појави кај прототипот за новата изведба на легендарниот Renault 5, за прв пат ќе се појави кај новиот Megane, а потоа ќе го добијат и сите нови автомобили на марката. Логото се одликува со минималистички и модерен изглед, со „отворена“ форма за која од компанијата велат дека ја претставува транспарентноста и отвореноста на Renault кон своите клиенти. Новото лого ќе се најде кај сите модели на брендот до 2024 година.

„Во согласност со времињата, рестилизираниот дијамант совршено ја отелотворува New Wave ерата во која Renault влегува. Ова ново лого постепено ќе се појавува кај Renault возилата. За прв пат гордо ќе ги краси моделите кои ќе бидат лансирани следната година, а до 2024 целата постава на Renault ќе го има новиот амблем“, истакна Жил Видал, дизајнерскиот директор на компанијата.

 

Поврзани вести

Back to top button