Рестилизираниот Mercedes-AMG E63 дебитираше
Mercedes-AMG го претстави освежениот модел Е63 каде фокусот беше ставен на унапредување на комфорот, а притоа не се загубени препознатливите перформанси
Mercedes-AMG E63 во освежена варијанта се појави пред јавноста со неколку унапредувања во однос на претходно, пред се кога станува збор за комфорот. Кога станува збор за надворешноста, освежениот Mercedes-AMG не нуди никакви поголеми изненадувања за освежениот Е63.
Предницата претрпе најголеми промени, пред се поради поголемата и ревидирана Panamericana решетка од ладилникот и изменетата светслосна групација. Променет е и предниот сплитер кој сега е достапен во Silver Shadow како стандардна боја, но и во сјајно црна боја како дел од пакетот AMG Night Package, како и во карбон преку достапниот AMG Exterior Carbon-Fiber Package I. Слично како и на задниот дел од автомобилот, каде најочигледната промена се потенките и поаголните задни светла, како и внатрешната графика на светлосната групација. AMG E63 мина низ сериозен „фејслифт“ со цел да добие поагресивен облик, а фокусот беше на аеродинамичките способности.
Во внатрешноста не се чувствуваат големи промени, но секако најголема е најновото издание на MBUX инфозабавниот систем, како и новиот AMG управувач. Кога станува збор за моторниот опсег, тој останува ист, односно Mercedes-AMG E63 се напојува со 4,0-литарски битурбо V8 агрегат кој во основниот модел испорачува 570 КС и 750 Nm максимален вртежен момент. Ова му овозможува на AMG E63 од нула до „стотка“ да стигне за само 3,5 секунди во лимузинското издание, односно 3,6 секунди за караванот. Моќноста се пренесува на сите четири тркала благодарение на деветстепен автоматски менувач.
Помоќната, Mercedes-AMG E63 S нуди уште подобри перформанси, бидејќи возачот има на располагање 611 КС и 850 Nm максимален вртежен моемнт. Од 0 до 100 километри на час стигнува за 3,4 секунди, односно 3,5 секунди во караванската изведба. Како и моделот во заминување, освежениот E63 S доаѓа со AMG Ride Control+ систем на потпирање со повеќе режими за подесување. Продажбата на освежените перформансни модели би требало да започне следниот месец во Европа.