РКЕ ги намалува цените на горивата
Регулаторната комисија за енергетика ја донесе најновата одлука за малопродажните цени на нафтените деривати во нашата земја
РКЕ продолжува со „вонредните“ промени на цените кои се формираат врз основа на актуелната ситуација со нафтата на светско ниво. Така, со својата најнова одлука, Регулаторната комисија за енергетика ги намалува малопродажните цени на горивата во нашата земја во просек за 2,50 проценти во однос на одлуката која беше донесена на 1 април.
Според најновата одлука на РКЕ, цените на бензините Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 се намалуваат за 2,50 денари, додека цената на Еуродизелот се намалува за денар и половина.
Со други зборови, ова значи дека од ноќеска на полноќ, за литар Еуросупер БС-95 ќе треба да издвоиме по 81 денар за секој наточен литар, Еуросупер БС-98 ќе чини 83 денари, додека пак Еуродизелот ќе се продава по цена од 82 денари за литар наточено гориво.
Од РКЕ истакнуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 1,64 проценти, а кај дизелот намалување во просек за 2,275 проценти.