РКЕ со најновата одлука значително ги намалува цените на горивата
Регулаторната Комисија за Енергетика ги одреди новите малопродажни цени на горивата во нашата држава кои ќе стапат на сила од ноќеска на полноќ
По серијата поскапувања во изминатиот период, но и постепеното и делумно намалување кое следуваше во последните недели, РКЕ, во согласност со својата методологија за формирање и утврдување на малопродажните цени, одлучи да ги поевтини горивата во нашата земја. Според најновата одлука на Регулаторна, горивата ќе поевтинат во просек за 2,80 проценти во однос на одлуката која беше донесена на 5. август.
Во согласност со ова, бензините и дизелот во нашава земја од ноќеска на полноќ се намалуваат за 3,50, односно три денари по литар. Поконкретно, за 3,50 денари се намалуваат бензините Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98, додека Еуродизелот се намалува за три денари.
Ова значи дека во следниот период литар Еуросупер БС-95 ќе се точи за 90 денари по литар, Еуросупер БС-98 ќе се продава по цена од 92 денари, додека за секој литар наточен Еуродизел ќе треба да издвоиме по 90 денари.
Од РКЕ истакнуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек кај бензините за 3,57% и кај дизелот за 2,11%.