fbpx

Seat го најави претставувањето на освежената Ateca

Шпанскиот производител го најави претставувањето на рестилизираната Ateca за 15 јуни, а за таа цел објави и тизер фотографија од задниот дел на овој SUV

Seat Ateca се покажа како исклучително важен модел и еден од столбовите на шпанскиот бренд. Доказ за тоа се и продажните резултати за минатата година. Имено, лани Seat испорачал 574.000 единици, од кои дури 98.000 се Ateca автомобили. Притоа, треба да се земе предвид и колкава конкуренција владее во сегментот каде што се „натпреварува“ овој модел.

Кога станува збор за рестилизацијата на Ateca, од Seat објавија тизер фотографија како вид најава. Според истата може да се забележи дека задниот дел ќе доживее нешто поголеми промени од очекуваното. Забележлив е променетиот облик на светлосната групација, петтата врата исто така има поинаков изглед, како и нов браник. Ниту предната страна од автомобилот нема да остане „имуна“ на рестилизацијата, барем од она што можеше да се забележи од шпиунските фотографии кои „протекоа“ во изминатиот период. Според тоа, освежената Ateca ќе добие нова и поголема предна маска, односно решетка од ладилникот, како и нешто поинаков облик на браникот и светла за магла.

Seat Ateca

Промени се очекуваат и во ентериерот на овој SUV на Seat. Најголемата новина би требало да биде имплементација на дигитален инструмент кластер, како и поголем екран за управување со инфозабавниот систем. Сепак, најголемите промени Seat ги подготвува кога станува збор за погонските единици. Како воведен мотор кај бензинските агрегати останува трицилиндричниот 1.0 TSI мотор, а во понудата ќе се најде и 1,5-литарскиот четирицилиндричен мотор со 150 КС. Ateca, исто како и кај Leon, во врвот на понудата ќе го има 2.0 TSI моторот кој испорачува 190 КС.

Кога станува збор за дизел агрегатите, треба да се напомене дека 1,6-литарскиот TDI најверојатно ќе го нема во понудата кај Ateca, а наместо него заинтересираните купувачи на располагање ќе го имаат само 2,0-литарскиот дизел агрегат со 110 или 150 КС, зависно од изборот. Во овој момент не треба да се очекува plug-in хибридна верзија на Seat Ateca. Сепак, не е исклучена можноста за блага хибридна технологија.

Во секој случај, повеќе информации ќе бидат достапни на 15 јуни за кога Seat ја најави премиерата на освежената Ateca. Инаку, овој модел на пазарот се појави во 2016 година и досега е продаден во преку 300.000 примероци. Се очекува и по рестилизацијата да остане еден од најпродаваните модели на шпанскиот производител.

Поврзани вести

Back to top button