Seat ја претстави освежената Ateca
Првиот SUV на шпанската компанија Seat, моделот Ateca, на средината од својот животен век доби свое освежување и рестилизација
Најуспешниот SUV на Seat пристигнува со унапредување за 2021 моделската година во Европа, со суптилно стилско освежување во внатрешноста и надворешноста, унапредена понуда на моторизаијца, како и нова безбедносна и конекциска технологија. Со повеќе од 300.000 продадени единици продадени од лансирањето во 2016 година, Ateca е доказ за благосостојбата на Seat, поради што шпанскиот бренд не ја наруши успешната формула и истата ја примени и овој пат. Еволуцијата ја има клучната улога тука и тоа е најочигледното кога станува збор за рестилизирањето.
Новите LED предни светла инспирирани од најновата генерација на Seat Leon се најочигледната новина, заедно со уште неколку промени на предницата, вклучително и нова решетка од ладилникот и нов браник. На задната страна, full LED задните светлосни групации со динамични индикатори (за FR и Xperience нивоата) како и браникот со нови прекривки за издувните цевки исто така се новина кај Seat Ateca 2021.
Новиот дизајн на браниците ја прават освежената Ateca 18 милиметри подолга (4.381 мм), додека ширината и висината остануваат непроменети. Некои од посуптилните промени го вклучуваат и натписот „Ateca“ на задниот дел. Тука се и новите тркала кои се нудат во димензии од 17 до 19 инчи, како и унапредената палета на бои за надворешноста. Освежената Seat Ateca со себе го носи и новото Xperience ниво на опременост. Со својот груб изглед тој го заменува Xcellence и вклучува црни браници со алуминиумски финиш на долниот дел, лаковите над тркалата со боја на каросеријата и странични лајсни со алуминиумска завршница.
Во внатрешноста, рестилизираната Seat Ateca пристигнува со нов 10,25-инчен дигитален кокпит. Тука е и унапредениот инфозабавен систем кој вклучува нов HMI „интерфејс“ со репозициониран 8,25 или 9,2-инчни екрани чувствителни на допир. Кожниот управувач е новина, исто како и панелите на вратите обложени со нов материјал. Компактниот SUV сега исто така добива и нов избор на тапацир, мат црниот финиш околу отворите за воздух и инфозабавниот систем, како и „мулти-колор“ амбиенталното осветлување. Седиштето за возачот сега вклучува и осумнасочно електронско подесување и мемори функција.
Кога станува збор за конективноста, освежената Seat Ateca добива нов систем за гласовно препознавање. Бежичните Apple CarPlay и Android Auto преку Full Link системот се во стандардната опрема. Seat овозможува и онлајн навигација преку Apple Maps и онлајн конективност преку еSIM. Како додаток, новата Seat Connect апликација нуди далечински управувач за голем опсег на функции. Тоа вклучува паркинг позиција, заклучување и отклучување на вратите, далечински пристап до податоците за возење и преостанатиот опсег. Како стандардни во опсегот сега се нудат четири осветлени USB конектори C-тип и бежично полнење на телефон.
Освежената понуда на погонски системи вклучува три TSI турбо бензински мотори и два TDI турбо дизели. На почетокот од понудата е 1,0-литарскиот TSI трицилиндричниот мотор со 110 КС со Милеров циклус на процес на согорување, кој пристигнува со мануелен менувач. Следен е 1,5-литарскиот четирицилиндричен TSI мотор кој испорачува 150 КС со Active Cylinder Management. Оваа верзија е достапна со шестстепен мануелец или седумстепен DSG менувач со двојна спојка. На врвот на понудата се наоѓа 2,0-литарскиот TSI. Овој мотор испорачува 190 КС и пристигнува ексклузивно со DSG трансмисија и 4Drive погон на сите четири тркала.
Кога станува збор за дизелските мотори, претходно достапниот 1,6-литарски TDI веќе го нема. Сега купувачите ќе можат да бираат меѓу двете верзии на 2,0-литарскиот TDI, едниот со 115 КС и шестстепен мануелен менувач, или 150 КС кој се нуди со мануелец и DSG. Во комбинација со автоматскиот менувач со двојна спојка, помоќниот дизел мотор исто така може да се добие со 4Drive систем. Интересно, Seat нема да ја понуди Ateca со благ 48-волтен хибриден систем.
Кога станува збор за безбедноста, освежената Seat Ateca добива нови унапредени системи за асистенција на возачот. Тоа вклучува Predictive Adaptive Cruise Control, странична и асистенција за излез, предна асистенција со кочење за избегнување преден судир. Дизајнирана и развиена во Барселона, освежената Ateca ќе се изработува во фабриката на Škoda во Квасини, Чешка Република. Од Seat не открија кога рестилизираниот SUV ќе се најде во продажните салони.