Seat официјално ја претстави четвртата генерација на Leon
Шпанската компанија Seat ја претстави четвртата генерација на својот најпродаван модел - Leon
Seat се одлучи за целосно нов изглед и промена на пропорциите со цел Leon да биде што е можно поконкурентен во предизвикувачкиот компактен сегмент на европскиот пазар. Четвртата генерација беше претсавена во Маторела во Шпанија во форма на хечбек со пет врати и караванскиот Sport Tourer, додека тривратната SC верзија ја нема поради недостатокот на побарувачка.
Новиот Leon изгледа остро како и моделот кој го заменува, но дизајнот доживеа неколку промени инспирирани од минатогодишниот концепт Formentor. Seat го модифицираше изгледот на Leon не само за да го освежи, туку и да го направи повеќе аеродинамичен за 8 проценти во однос на претходникот. Новиот Leon е најновиот модел во автомобилската индустрија кој ги усвои задните светла кои се протегаат низ целиот заден дел и втор модел на Seat по Tarraco.
Очекувано, новиот Leon се одликува со модерен стајлинг по примерот на поновите модели од оваа марка, MQB платформата, далеку помодерен и попростран ентериер со поквалитетни материјали, намалена потрошувачка и емисија на гсаови, како и голем број безбедносни и системи за асистенција на возачот.
Нови димензии и ентериер исполнет со технологија
Новиот Leon е долг 4.368, широк 1.800 и висок 1.456 милиметри, што го прави подолг за 86, потесен за 16 и понизок за 3 милиметри од својот претходник. Сепак, меѓуосовинското растојание е продолжено за 50 милиметри и сега изнесува 2.686. Големината на тркалата ќе варира од 16 до 18 инчи.
Димензиите на караванот исто така се променија. Тој е долг 4.642, широк 1.800 и висок 1.448 милиметри, а меѓуосовинското растојание е исто како и кај хечбек верзијата и изнесува 2.686 милиметри. Караванот во однос на претходникот е подолг за 93, потесен за 16 и понизок за 3 милиметри.
Просторот на багажникот остана непроменет и изнесува 380 литри, додека кај караванот е зголемен за 30 литри и сега изнесува вкупно 617 литри.
Како и неговите чешки и германски „роднини“, Leon ќе може да се добие со опционен full-LED предни и задни светла и динамички покажувачи за насока. Внатрешноста исто така има LED осветлување вклучително и амбиентално осветлување задолжено за пријатна атмосфера.
Новиот Leon е означен како „првиот целосно поврзан автомобил на Seat“, доѓа со 10,25-инчен екран за возачот во комбинација со 8,25-инчен екран чувствителен на допир, односно поголем 10-инчен екран во подобро опремените модели. Full Link системот на Seat овозможува Android Auto и Apple CarPlay интеграција, а тука е и технологијата за бежично полнење на паметните телефони.
Арматурната плоча има свои единствени карактеристики со само неколку детали кои веќе се присутни кај Volkswagen Golf и Škoda Octavia. Тоа не е никакво изненадување бидејќи сите три модели ја користат истата MQB Evo платформа. Слично ќе биде и со престојниот Audi A3.
Leon пристигнува со очекуваната понуда на мотори, како и plug-in верзија
Понудата на мотори не е изненадување со оглед на тоа дека Seat е дел од VW групацијата. Основните модели ќе бидат напојувани од 1,0-литарски трицилиндричен TSI мотор кој развива 89 или 108 КС, а во понудата ќе биде и четирицилиндричниот 1,5-литарски TSI мотор кој испорачува 128 или 148 КС. Посилниот 2,0-литарски TSI нуди 187 КС и може да се добие и со автоматски менувач со двојна спојка.
Посилните верзии од 1,0 и 1,5-литарските TSI мотори ќе бидат понудени со блага хибридна технологија, а во овој случај Leon ќе биде достапен само со DSG автоматски менувач.
Оние кои сакаат да изберат дизел мотор, ќе можат да го купат само моделот со 2,0-литарски TDI мотор, односно да изберат една од двете верзии кои развиваат 113 и 148 КС.
На некои пазари Seat ќе продава и TGI верзија која ќе користи компресиран природен гас, односно CNG. Тој модел ќе биде напојуван од 1,5-литарски мотор кој развива 128 КС.
Како што е случајот со Golf GTE и Octavia iV, четвртата генерација на Seat Leon ќе биде понудена и како plug-in хибрид кој ќе се движи благодарение на комбинација од 1,4-литарски TSI мотор и електричен мотор. Овој модел ќе има 6-степен DSG менувач и литиум-јонска батерија од 13 kWh. Комбинираната сила изнесува 201 КС, а максималниот домет на користење само на електричниот погон изнесува околу 60 km според WLTP стандардот.
Продажбата на новиот Leon започнува во вториот квартал од 2020. година, а потоа пристигнуваат Cupra верзиите со високи перформанси. Се очекува Cupra Leon да добие ист погонски систем како и Cupra Formentor концептот. Тоа подразбира бензинец и електромотор со вкупно 245 КС.