Шангај 2021: Maserati го претстави хибридниот Levante
Италијанската компанија Maserati го претстави новиот Levante Hybrid на Салонот во Шангај кој е првиот електрифициран SUV на марката
Најавен од претходно, Levante Hybrid ја доживеа својата премиера на Салонот во Шангај, со што Maserati го прави следниот чекор во стратегијата на брендот кон електрификацијата, по претставувањето на хибридниот Ghibli минатата година. Овој модел е првиот електрифициран SUV на компанијата.
Новата електрифицирана варијанта на Maserati Levante се напојува со 2,0-литарски четирицилиндричен мотор со 48-волтен стартер генератор и доаѓа во комбинација со осумстепен автоматски менувач. Благо хибридниот Levante испорачува 330 КС и 450 Nm максимален вртежен момент и е достапен само со погон на сите четири тркала.
Од Maserati исто така наведуваат дека новиот Levante Hybrid е полесен од варијантата со шестцилиндричен бензинец или дизел со тежина од 2.090 килограми, а доаѓа и со подобра дистрибуција на тежината со оглед на тoa дека батеријата е поставена на задниот дел. Спринтот од нула до „стотка“ го стигнува за шест секунди, додека максималната брзина е поставена на 240 километри на час. Италијанскиот производител исто така ветува дека електрифицираниот Levante и понатаму ќе звучи како вистински Maserati.
Уникатни детали
Новиот Maserati Levante Hybrid се карактеризира со сини детали на екстериерот со цел да го нагласи својот хибриден погон, вклучително и беџот кој е поставен на B-столбот, како и сопирачките. Истата нијанса на сино може да се најде и во внатрешноста, поточно на седиштата.
Кога станува збор за ентериерот, тука се наоѓа и најновиот Maserati Connect инфозабавниот систем, кој користи поголем, 10,1-инчен екран на допир со висока резолуција. Новиот систем е базиран на Android Automotive оперативниот систем и останува постојано конектиран. Сопствениците можат да ја користат Maserati Connect апликацијата или виртуелен персонален асистент (Amazon Alexa и Google Assist) за да останат во контакт со возилото.
Освен тоа, Launch верзијата на новиот хибриден Levante ќе дебитира со нова металик трослојна боја на екстериерот, наречена Azzuro Astro, која ќе биде достапна преку програмата за персонализација на компанијата, Maserati Fuoriserie.