Škoda ја најавува премиерата на електричниот Enyaq iV
Чешкиот производител Škoda започна тизер кампања со која ја најавува премиерата на својот електричен кросовер Enyaq iV која е закажана за 1 септември
Škoda Enyaq нема да биде првото електрично возило на чешкиот производител, но сепак е првиот модел кој уште од самиот почеток е замислен како такво. Електричниот кросовер ќе биде поставен на MEB платформата, исто како и Volkswagen ID.3 и Cupra el-Born, возила со кои има голема сличност кога станува збор за компонентите.
Од она што може да се забележи од тизер фотографијата која ја објави Škoda, како и од претходните тизери од камуфлираното возило, може да се забележи дека Enyaq во својата сериска изведба ќе има сличен изглед како концептот Vision iV. Тука пред сѐ се мисли на опаѓачката линија на покривот односно своевиден купе облик, додека остатокот од визуелните одлики ќе бидат во согласност со остатокот од гамата на Škoda.
Кога станува збор за димензиите, според она што е достапно како информација, Enyaq ќе има должина од 4.685 милиметри, додека меѓуосовинското растојание е 2.765 милиметри. Од Škoda претходно потврдија дека Enyaq ќе има капацитет на багажникот од 585 литри.
Škoda ќе понуди пет нивоа на моќност, со тоа што базичната варијанта на Enyaq ќе се продава со електромотор со моќност од 105 kW, додека на врвот на понудата ќе се најде RS варијантата со два електромотори и вкупна моќност од 225 kW. Електричниот кросовер ќе се нуди со погон на задните или на сите четири тркала.
Освен тоа, купувачите ќе можат да бираат меѓу три батерии – 55, 62 или 88 kWh, а последната и најмоќна би требало да понуди автономија на движење од 500 километри со едно полнење, според WLTP стандардите.
Премиерата на возилото е на 1 септември, а производството ќе започне во првиот квартал од 2021 година. Чешкиот производител кон почетокот на оваа година изнесе проценка дека 25 проценти од продажбата до 2025 година ќе отпаѓа на електрифицираните модели.