Škoda ги објави скиците од електричниот Enyaq iV
Чешкиот производител Škoda продолжува со своите промотивни активности и тизер кампања во пресрет на премиерата на својот електричен SUV модел
Во Škoda имаат големи очекувања кога станува збор за моделот Enyaq iV. Ова ќе биде првото возило на чешката компанија кое ќе биде поставено на MEB платформата на Volkswagen групацијата. Благодарение на MEB платформата, возилото ќе има поголем простор во ентериерот, со тоа што габаритите на возилото се значително помали од очекуваното. Škoda веќе потврди дека Enyaq iV, како што е целосниот назив на возилото, ќе биде со слична големина како Octavia, додека патниците во возилото ќе имаат простор како кај моделот Kodiaq.
Инженерите и дизајнерите на компанијата од Млада Болеслав особено водеа сметка за аеродинамичноста на возилото, што е исклучително важно кај електричните автомобили. Така, Škoda Enyaq може да се пофали со коефициент на отпор на воздухот од само 0,27.
Кога станува збор за ентериерот на овој електричен SUV, Škoda обрнува големо внимание на дигитализацијата. Пред возачот се наоѓа дигитална инструмент табла, а над истата се наоѓа и head-up екран. На врвот на централната конзола се наоѓа 13-инчен екранот на допир кој е задолжен за контролирање на инфозабавниот систем. Škoda веќе потврди дека багажникот ќе има капацитет од 585 литри.
Кога станува збор за моќноста на електромоторот и батериите, во Škoda остануваат таинствени. Се со цел чешкиот бренд да сочува нешто и за финалната премиера. Она што веќе е познато е дека во понудата ќе се најде и батерија со капацитет од 125 kWh. Истата ќе овозможи автономија од 500 километри. Исто така, се очекува да биде понуден погон на задните и сите четири тркала, како и три батерии и пет опции за моќност.
Škoda планира да го пласира Enyaq iV на пазарот веќе следната година, а премиерата на новото возило се очекува наскоро, односно на 1 септември. Škoda Enyaq се очекува да одигра важна улога во понатамошниот развој на гамата на електрифицирани возила кај чешкиот производител.