fbpx

Stellantis ќе произведува електрични автомобили во Крагујевац

Групацијата Stellantis донесе одлука новиот електричен автомобил да го замени Fiat 500L моделот кога станува збор за производството во Србија

Четвртиот најголем производител на светот, групацијата Stellantis, најави дека ќе го произведува новиот електричен автомобил на компанијата во фабриката во Крагујевац, Србија. Новото електрично возило ќе го замени Fiat 500L кој досега се произведуваше во овој погон.

Извршниот директор на Stellantis, заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ, потпишаа договор вреден 190 милиони евра кои ќе бидат вложени во производството на електрични возила во фабриката.

Новиот, се уште неименуван електричен автомобил ќе се најде во производство кон почетокот на 2024 година, откриваат од Stellantis. По него би можел да биде додаден уште еден електричен автомобил.

Од Stellantis не споделија повеќе детали за тоа кој автомобил ќе се произведува кај нашиот северен сосед, но Таварес истакна дека нивната платформа „совршено ќе се вклопи“ во возилата од мини, малиот и компактниот сегмент.

„Оваа нова платформа за електрични автомобили совршено ќе се вклопи со производите од A, B и C категориите и ќе ги подобри ефикасните и чисти решенија за урбана мобилност на нашите брендови“, откри Таварес.

Според некои извештаи, вториот електричен автомобил кој ќе се произведува во фабриката би можел да биде електричната верзија на Panda.

Групацијата има сериозни планови за својата електрична иднина

Stellantis ќе направи четири нови платформи на кои ќе бидат поставени електричните возила заедно со автомобилите со мотори на внатрешно согорување. Станува збор за STLA Small и Medium ЕВ платформите кои ќе се користат од Citroen, DS, Fiat, Lancia, Opel и Peugeot. STLA Large е наменета за високоперформансни и големи возила од брендовите Alfa Romeo, Chrysler, Dodge и Jeep, додека STLA Frame ќе се користи за „body-on-frame“ возилата од Ram и Jeep брендовите.

Српската инвестиција ќе му помогне на Stellantis да ја достигне целта за продажба само на електрични автомобили во Европа до крајот на оваа деценија, истакнаа од групацијата. Fiat веќе најави дека нивната постава на модели ќе стане исклучиво електрична меѓу 2025 и 2030 година. Србија во моментов има удел од 33 проценти во фабриката во Крагујевац.

Поврзани вести

Back to top button