Stellantis објави детали за своите нови платформи
Групацијата Stellantis неодамна го одржа својот EV Day дигитален настан на кој ги сподели плановите за својата иднина
Stellantis EV Day дигиталниот настан донесе голем број информации околу плановите на четвртиот најголем производител на светот. Групацијата планира жестока електрична офанзива, а една од најважните новини околу овој план ќе бидат новите четири најавени платформи кои ќе претставуваат сржта на иднината на компанијата. Со оглед на тоа, Stellantis објави и детални информации за нив.
Прва во низата е STLA Small платформата, на која ќе бидат поставени малите возила на групацијата. Производителот не објави голем број спецификации, но најавените модели кои ќе бидат базирани на групацијата ќе имаат големина помеѓу 3.500 и 4.200 милиметри. Овие модели ќе се нудат со капацитет на батерии од 37 до 82 kWh, а ќе треба да имаат автономија на движење од 500 километри со едно полнење.
Исто така, ќе поседуваат и 400-волтна технологија како електромотор кој ќе развива 95 КС. Сепак, некои STLA Small модели ќе имаат унапредени мотори кои ќе испорачуваат помеѓу 170 и 245 КС.
По неа следува STLA Medium платформата на која ќе бидат поставени премиум возилата кои би биле со должина од 4.200 до 5.000 милиметри. Овие модели ќе имаат батерии со капацитет од 87 до 104 kWh и ќе понудат опсег на движење од 700 километри. Најголемиот дел од овие модели ќе имаат електромотор кој ќе развива помеѓу 170 и 245 КС. Сепак, некои од нив ќе имаат моќност помеѓу 204 и 449 КС.
Моќност од 897 КС и забрзување до „стотка“ за две секунди
Еден чекор погоре е STLA Large платформата, која ќе биде задолжена за перформансните возила со погон на сите четири тркала, како и американските „мускулести автомобили“. Нивната должина ќе биде помеѓу 4.800 и 5.500 милиметри и ќе имаат батериски пакувања од 101 до 108 kWh, што ќе овозможи опсег на движење до 800 километри.
Дел од STLA Large возилата ќе користат електромотори со моќност која ќе варира од 170 до 245 КС, но најголемиот дел од нив ќе имаат електромотори од 204 до 449 КС. Исто така, треба да се напомене дека ќе има варијанти со погон на четири тркала, па потенцијално би можеле да добиеме вкупна моќност од 897 КС со поставка на два електромотори.
Компанијата алудира на вакво нешто бидејќи напоменаа дека нивните престојни перформансни ЕВ ќе можат да забрзуваат од 0 до „стотка“ за помалку од две секунди.
На крајот, тука е STLA Frame архитектурата која е body-on-frame платформа дизајнирана за пикап камионети и SUV модели. На неа ќе бидат поставени возила со должина од 5.600 до 6.200 милиметри и ќе имаат батерии со капацитет од 159 до над 200 kWh со опсег на движење од 800 километри.
Овие возила на Stellantis ќе нудат 400 и 800-волтна технологија како и електромотори со моќност од 204 до 449 КС. Ќе има и варијанти со погон на сите четири тркала, а тоа значи дека би можеле да имаат и моќност од 897 КС.