Светска премиера за новиот Nissan Leaf

Новата, трета генерација на Nissan Leaf пристигнува со импресивен дизајн, опсег на движење до 488 километри и напредна технологија

По речиси 15 години искуство на глобалниот пазар и речиси 700.000 продадени примероци, Nissan официјално ја претстави третата генерација на својот популарен електричен модел Leaf. Новиот Leaf е значаен чекор напред не само за брендот, туку и за целиот пазар на електрични возила, нудејќи иновативен дизајн, подобрени перформанси и технологија која го олеснува секојдневното користење.

Дизајн инспириран од јапонска естетика

Новата генерација на Nissan Leaf го прикажува дизајнерскиот јазик „Timeless Japanese Futurism“, што го прави автомобилот веднаш препознатлив. Со смели линии, фастбек силуета и детали како вградени рачки на вратите и аеродинамични тркала, новиот Leaf има исклучително ниска аеродинамична вредност од 0.25 за европските верзии. Впечатливата V-motion предна маска, 3D задни светла и 19-инчни алуминиумски фелни придонесуваат за неговиот модерен и динамичен изглед.

Просторна и технолошки напредна кабина

Внатрешноста на новиот Leaf е комплетно редизајнирана благодарение на CMF-EV платформата, со речиси целосно рамен под и хоризонтална инструмент табла што создава чувство на ширина. Зависно од верзијата и пазарот, достапни се двојни екрани од 12.3 или 14.3 инчи, додека премиум аудио-системот Bose со звучници во потпирачите за глава овозможува врвно звучно доживување. Новина е и панорамскиот кров со технологија PDLC, кој на едно копче го затемнува стаклото за удобност во сите сезони.

Помоќен, потивок и поефикасен погон

Новата 3-в-1 електрична погонска единица (мотор, инвертор и редуктор) е 10% помала и придонесува за 75% помалку вибрации. Достапни се две верзии на батерии: 52 kWh со 130 kW и 345 Nm, и 75 kWh со 160 kW и 355 Nm. Во САД, верзиите со поголема батерија нудат автономија до 303 милји (приближно 488 км). Брзото полнење овозможува полнење од 10% до 80% за само 35 минути.

Nissan Leaf

Интелигентна поддршка за секојдневно возење

Leaf нуди напреден пакет на системи за асистенција, меѓу кои: 3D Intelligent Around View Monitor, функција „невидлива хауба“, Front Wide View и Intelligent Distance Control Assist. Интелигентниот планер за рута овозможува реално следење на состојбата на батеријата и предлог станици за полнење, што го прави секојдневното возење поудобно и побезбедно.

Мобилна енергија за секоја пригода

Во зависност од верзијата и пазарот, новиот Leaf нуди 120V приклучоци во кабината и багажниот простор со можност за напојување уреди до 1500W, совршено за кампување и активности на отворено. Достапен е и V2L адаптер за надворешно напојување уреди, додека во Јапонија се задржува V2H функцијата за снабдување на домот со струја. Европските верзии ќе бидат подготвени и за V2G (Vehicle-to-Grid) системи.

Производство и достапност

Третата генерација на Nissan Leaf ќе се произведува во фабриките на Nissan во Tochigi, Јапонија и Sunderland, Велика Британија. Продажбата започнува оваа есен во САД, а наскоро потоа и во останатите региони. Цените и спецификациите ќе бидат објавени дополнително за секој пазар.

Со новиот Leaf, Nissan го потврдува своето лидерство во електричната мобилност и ги поставува новите стандарди за практичност, перформанси и технолошка интеграција во компактниот EV сегмент.

Поврзани вести

Back to top button