fbpx

Tesla го одложува производството на Roadster поради Cybertruck

Првиот човек на компанијата Tesla, Елон Маск, објави дека моделот Roadster ќе мора да почека, бидејќи компанијата има други приоритети

Елон Маск гостуваше кај Џо Роган во неговиот подкаст каде првиот човек на компанијата Tesla се осврна и на моделот Roadster. „Roadster е како десерт. Но, прво мораме да го изедеме зеленчукот и месото. Така што и Roadster ќе мора да го почека Cybertruck кој во овој момент е приоритет“, изјави Елон Маск. Првиот човек на американскиот производител на електрични автомобили истакна дека компанијата има листа на приоритети. Истите мораат да бидат завршени пред да се започне со производството на Tesla Roadster.

Како дел од приоритетите кои ги посочи, покрај Cybertruck, е и завршување на фабриката во Берлин, потоа воспоставување на задоволувачко ниво на производство на Model Y. Дури откако сето тоа ќе биде направено, тогаш ќе можат да се насочоат кон работата на Roadster.

Tesla го претстави моделот Roadster, поточно втората генерација на моделот, кон крајот на 2017 година, но во вид на прототип. Маск даде и низа ветувања кога станува збор за перформансите на ова возило. Најави дека спринтот од нула до „стотка“ ќе се одвива за помалку од 2 секунди. Според најавите, максималната брзина ќе изнесува повеќе од 400 километри на час. Притоа истакна и дека Roadster ќе биде најбрзиот сериски автомобил на светот.

Маск кон крајот на минатата година, веројатно како дел од маркетиншката кампања, поради која и се претпоставуваше дека Roadster ќе се појави оваа година, објави дека овој електричен автомобил ќе може да помине повеќе од 1.000 километри со едно полнење на батеријата. Исто така најави дека ќе постави нов рекорд на Нирбургринг за сериски автомобили.

Сепак, со оглед на приоритетите кои ги има компанијата, како што се Model Y и Cybertruck кои ќе имаат предност во однос на моделот со високи перформанси, јасно е дека Roadster ќе мора да почека со производството. Претходно беше најавено дека Cybertruck ќе пристигне во 2022 година, така што тешко дека Roadster ќе го видиме до тогаш.

Поврзани вести

Back to top button