Тест Citroën C4: Trè chic
Со новиот C4, Citroën на голема врата се враќа во C сегментот, а како главни атрибути ги користи изгледот за кој многумина ќе речат дека е „повторно измислување на хечбекот“ и наклонетоста кон сè повеќе заборавениот комфор во секојдневната употреба
Француската марка е позната по своите стилски и екстравагантни изразувања во поглед на дизајнот, а за тоа има повеќе примери кои сега се сметаат за икони во автомобилскиот свет. Покрај опседнатоста со дизајнот во компанијата со години се фокусирани на удобноста во возењето и нејзиното подигање на повисоко ниво. Со новиот Citroën C4 повторно во мода го враќа она чувство на „chic“, пренесено богатството во кое препознаваме дека Citroën претпочита да се води по свои начела, а не слепо да следи нешто што е предходно поставено како стандард.
Традицијата во нова димензија
Индивидуалниот дизајнерски израз на возилата на Citroën, што е своевиден „trademark“ на компанијата добива нова димензија во обликот на последната генерација на С4. Едно е 100% сигурно, а тоа е дека новиот Citroën C4 едноставно неможе да остане незабележан каде и да се појави. Креаторите на Citroën го замислиле овој модел во стил на кросовер, каде доминираат големи тркала и малку поголема одалеченост од тлото. Високо поставениот преден дел доминира, а на него се издвоени и умешно вметнати во хромиран V-облик( односно асоцијација на шевронот) дневните LED светла, позиционирани повисоко од главната светлосна група. Вдлабнатините на краевите од поклопецот од моторот создаваат слика нетипична за SUV, но сепак добро се вклопува во целината.
Профилот на автомобилот во целост го открива кросовер моментот, за тоа се задолжени пластичните заштитни облоги кои се протегаат по долниот дел и продолжуваат над отворите на тркалата. Кровната линија се движи во опаѓачка линија како оди кон задниот дел, со што е исполнет уште еден услов кој во моменетов е мошне „тренди“ (кросовер купе облик). Од Citroën истакнуваат дека инспирацијата доаѓа од класичните GS, CX и ХМ модели. Исто како и обликот на задниот дел кој исто користи елементи од историјата на овие модели, особено при обликувањето на стаклената површина на вратата од багажникот. Новина се задните кој облик е континуитет на употребата на шевронот, секако во LED технологија.
Во целина сметаме дека дизајнот со сите негови набори, линии и вдлабнатини создава една дисфункционална хармонија која во секој случај од C4 прави нешто посебно, автомобил кој никогаш не делува досадно.
Нова визија за удобност
Колку и да е интригантна надворешноста, толку внатрешноста делува смирена и минималистичка, ова уште еднаш се поврзува со традицијата на брендот. Во кабината прво ве пречекуваат прекрасните седишта кои се белег на „Citroën Advanced Comfort“, поседуваат променлива густина на пена за мекост и поддршка како кај луксузните автомобили. Просторот на задните седишта е пристоен, местото за колена е најголемо во овој сегмент, додека главите на патниците ќе допираат до кровот само ако се повисоки од 185 см. Отворот на багажникот е широк со ‘двоетажна’ модуларност и габарити од 380 литри складишен простор, што е на ниво со конкурентите. Комплетниот сет на материјали употребени низ кабинскиот простор делуваат доста квалитетно и наликуваат на оние од уредувањето на ентериери во станбен простор, правејќи ја целата атмосфера порелаксирана од вообичаено.
Централниот екран осетлив на допир со димензии од 10 инчи е со доста висока резолуција, преку него се командува со повеќето секундарни функции, а дека Citroën ги слуша барањата на купувачите покажува со враќањето на копчето за регулација на звукот и на физичките контроли за подесување на клима уредот што е далеку поедноставно одколку наместо сè да се прави преку екранот на допир во комплицирана постапка која го одзема вниманието на возачот. Пофални зборови одат на сметка на инструмент таблата изведена во дигитална форма со големина од 5,5 инчи што овозможува единствен и јасен приказ само на основните функции. Интересен додаток во тестираниот примерок е држачот за таблет сместен пред совозачот. Внатрешноста на новиот C4 свесно се надоврзува на обновената офанзива за враќање на традиционалната патека препознатлива на францускиот бренд нудејќи удобност без преседан.
Максимално рафиниран
Новиот Citroën C4 се истакнува со можноста за избор, така освен стандардните бензински и дизел верзии во понудата е вметната и потполно електрична извдеба. Во нашиов случај како двигател се јавува 1.5 литарскиот турбодизел агрегат со 130 КС кој е припоен со 8 степена автоматска трансмисија. Синергијата помеѓу овие две важни компоненти е изведена на одличен начин, а тоа го покажуваат и параметрите. Забрзувањето се одвива мазно и ненападно, но доволно брзо да се стигне до 100 км/ч за помалку од 10 секунди, при тоа моторот делува доста спретно и рафинирано во секоја примена, а згора на сè и потрошувачката не оди над 6,5 литри на 100 километри. Менувачот нуди можност за избор на модови на работа, но најдобро е да се остави во нормалниот режим, каде што ги покажува своите вредности на најдобар можен начин.
Силната страна на новиот C4 е патентираниот систем за суспензија со прогресивни хидраулични перници. C4 е исклучително рафиниран семеен хечбек, во сегмент полн со автомобили кои претендираат кон цврсто и затегнато потпирање C4 е добредојден контраст. Тоа е автомобил што ќе го преферирате пред неговите ривали поради импресивната удобност и релаксираност, автомобил е соодветен одговор на задоволство да се вози на поизмерен, пореален начин преку кој се филтрира секојдневниот стрес.
Новиот C4 е автомобил со препознатлив изглед и со паметен ентериер, карактерни особини кои му даваат единствена позиција во C-сегментот. Ова е прав Citroën кој нуди нешто навистина различно од конкурентите. Остануваме позитивно изненадени од одлично усовршената удобност и префинетост кај овој мазен и еластичен семеен кросовер што доаѓа како вистинско освежување во прав миг.
Цената на тестираниот модел 26.140 евра
Технички карактеристики за Citroën C4 Shine 1.5 BlueHDi EAT8 130
Мотор | Euro VI D, дизел, четиритактен, четири-цилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.499 cm3 |
пречник и од | 75 x 84.8 mm |
степен на компресија | 16.4:1 |
Напојување | четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, турбо полнач |
максимална моќ | 130 КС при 3.750 min-1 |
макс. вртежен момент | 300 Nm при 1.750 min-1 |
Трансмисија | на предни тркала преку осум-степен автоматски менувач |
Потпирање | напред независен Макферсонов систем, назад полузависна оска |
Сопирачки | напред вентилирачки дискови, позади дискови, ЕЅР, ABS |
Пневматици | 195/60 R18 |
Каросерија | Кросовер со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.360 x 1.800 x 1.525 mm |
меѓуоскино растојание | 2.670 mm |
траги (напред/назад) | 1.560 x 1.560 mm |
Тежина | 1.324 kg |
максимална тежина | 1.795 kg |
багажен капацитет | 380 литри |
Резервоар | 50 литри |
максимална брзина | 206 km/h |
забрзување 0-100 km/h | 9,6 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | 4,2/3,5/4,7 l/100 km |
емисија на CO2 | 118 g/km |
Citroën C4 во Македонија
Citroën C4 Live Pack 1.2 PureTech 100 | 15.990 евра |
Citroën C4 Live Pack 1.5 BlueHDi 110 | 17.990 евра |
Citroën C4 Feel 1.2 PureTech 130 | 18.390 евра |
Citroën C4 Feel 1.5 BlueHDi 130 EAT8 | 21.990 евра |
Citroën C4 Shine 1.5 BlueHDi 110 | 22.290 евра |
Citroën C4 Shine 1.2 PureTech 155 EAT8 | 24.990 евра |
Повеќе информации во Citroen Македонија или на тел. (02) 30 93 011
Конкуренти:
Toyota C-HR | од 25.390 евра до 30.190 евра |
Kia Xceed | од 18.550 евра до 26.900 евра |
Ford Focus Active | од 23.700 евра до 34.700 евра |
Fiat Tipo Cross | од 18.500 евра |