Тест Haval H6: Предвесник на нова ера
Кинеската автоиндустрија во изминатите неколку децении забележа драстично зголемување на бројот на автомобилски производители. Секако, тоа доведе и до голем број на автомобили кои не беа добро прифатени во светот поради разни причини, но во последните години работите се искристализираа и се променија, па на глобално ниво се појавија некои сериозни играчи каде предничи квалитетот на кои, пред се, западните купувачи се навикнати.
Во обид да го прошират своето влијание и на останатите континенти, кинеските производители стартуваат свои подбрендови кои ќе понудат повисок квалитет од она на што сме навикнати кога во прв момент ќе помислиме на еден кинески автомобил. Таков е случајот и со Great Wall кој постои од 1984 и веќе некое време се обидува да воспостави основа на европскиот пазар и да се премести во повисок пазарен опсег. Тука на сцена стапува Haval, подбрендот на GWM, чиј SUV модел H6 изминатиот период го имавме на тест. Инаку, ова не е првпат да се сретнеме со Haval H6, бидејќи претходниот модел го имавме на тест во нашата редакција пред околу 3 и пол години. Оттогаш, забележлив е огромниот напредок на секое поле.
И уште на стартот мораме да истакнеме, во 30-годишното постење на Авто Плус, низ нашата редакција минале голем број на автомобили од кинеско производство, но со голема самодоверба можеме да кажеме дека Haval H6 е меѓу најдобрите, ако не и најдобриот кинески автомобил кој сме го имале на тест. Почнувајќи од дизајнот на екстериерот, финишот, квалитетната обработка, ентериерот, технолошките елементи, безбедносните и системите за асистенција, едноставно во секој поглед, Haval H6 е неприкосновен, а воедно и ни дава многу важна слика од еден сосема друг аспект – колку кинеските автомобили бележат забрзан напредок.
Воспоставена дизајнерска филозофија
Од аспект на дизајнот, H6 се одликува со навистина модерен и елегантен дизајн, едноставен и чист, чиј стас и појава плени и создава стравопочит кај конкуренцијата. На предниот дел се истакнува големата ценрално поставена решетка од ладилникот каде се наоѓа и името на брендот, а од двете страни се наоѓаат LED фаровите. На задниот горен дел се истакнува спојлерот, но пред се LED светлечката лента која ги спојува задните светлосни групи, а под истата со големи букви е испишано името на брендот. Се на се, целосниот дизајн на автомобилот се одликува со допадливост и без значителни елементи кои отскокнуваат во очите на јавноста. Haval не експериментираше во дизајнерскиот пристап, модерно-класичниот стил сигурно ќе биде допадлив на поширокиот круг на потенцијални купувачи, а се чини и дека веќе воспостави своја стилска филозофија која љубоморно ја следи.
Кога станува збор за кабината, при прв поглед ве пречекува нешто што би се очекувало кај етаблираните премиум модели или автомобили кои ценовно се над H6. Простор има во изобилие, а предните кожни седишта со елегантен дизајн со себе носат опции за греење и вентилација, што сигурно дополнително ќе придонесат во севкупниот комфор. На задната клупа има повеќе од доволно простор, а и патниците во задниот дел добиваат греење на седиштата и свои USB приклучоци. Употребените материјали во завршната обработка на кабината е нешто што дефинитивно го привлече нашето внимание. Исклучително добриот квалитет и мајсторската изработка дополнително го засилуваат премиум чувството, но пред се, влеваат доверба дека ќе го издржат забот на времето и илјадници километри.
Без компромиси во кабината
Од аспект на возачот, првото чувство кое се добива кога ќе се седне зад управувачот е одличната прегледност која ја нуди автомобилот благодарение на големите стаклени површини. Сепак, не треба да се заборави дека станува збор за SUV со димензии од 4.653 милиметри во должина, па онаму каде што прегледноста не е доволна, на помош доаѓаат големиот број на сензори и камерите, кои нудат фантастична прегледност со исклучителен квалитет и резолуција, а како додаток тука е и прегледноста од 360 степени, како и двете камери поставени од страните кои покажуваат при секое свртување на лево или десно со пониска брзина каде се движат нашите тркала. Камерата сместена во шофершајбната ги следи знаците за ограничување на брзината и ги прикажува на контролната табла. И тука исклучок не беа ниту некои знаци кои се „заборавени“ на патиштата или во ужасно лоша состојба. Системот едноставно ги препознаваше сите и цело време, без исклучок.
Една од работите кои вреди да се истакнат е големиот панорамски стаклен покрив кој се отвара во целост. Багажниот капацитет секако мора да се истакне со своите 600 литри, односно дури 1.485 литри со преклопени задни седишта. Остатокот од кабината е прашање на вкус, меѓутоа нам позитивните страни ни оставија многу посилен впечаток, отколку неколкуте ситници кои можат да се избројат едвај на прстите од едната рака.
Технологија на која многумина можат да позавидат
На полето на технологијата, пред возачот се наоѓа нов екран од 10,25 инчи каде се прикажани сите потребни информации околу возењето, а нешто погоре е и head-up дисплејот кој проектира директно на предното стакло. На централниот дел се наоѓа 12,3-инчен екран наменет за инфозабавата. Екраните се со висока резолуција, лесни за користење, а инфозабавниот екран е и прилично респонзивен. Единствена забелешка може да биде недостигот на аналогни копчиња за контрола на звукот и клима-уредот, но по некое време човек лесно се навикнува и ги учи сите кратенки до најважните функции. Возачите имаат опција да го конектираат својот паметен телефон со инфозабавниот екран преку Apple CarPlay и Android Auto.
Секако дека цената игра важна улога во сето тоа, но полека се рушат сите митови и стереотипи за кинеското производство и наводниот неквалитет. Ако Haval H6 е „симбол“ за такво нешто, тогаш верувајте ни на зборот, а сигурно дека со нашето 30-годишно искуство имаме што да кажеме, кинеските автомобили не биле никогаш поблиску до етаблираните западни производители. Haval H6 во ниту еден поглед не заостанува зад европските конкуренти, во некои сегменти е и далеку подобар, а сепак ценовно е многу поконкурентен, иако и „кинезите“ повеќе не се евтини, а има и зошто.
Погон кој ги пресретнува очекувањата
Моторот, во комбинација со седумстепениот DCT менувач со двојна спојка и со зафатнина од 2.0 литри работи рафинирано, на моменти можеби за нијанса погласно од очекуваното, но верувајте, никогаш нема да ја наруши хармонијата во кабината, ниту пак ќе влијае на комфорот. Haval H6 добива и интелигентен погон на сите четири тркала, кој патем, може да го распредели вртежниот момент меѓу предната и задната оска во сооднос од 50-50 за помалку од 12 милисекунди. Ние имавме шанса да го ставиме на вистински тест, возејќи по угорнина на ниски температури низ тесни улици завеани со снег и во ниту еден момент не се почувствувавме несигурни, а автомобилот во ниту една ситуација не откажа „послушност“.
Од аспект на возната динамика, Haval H6 го нуди токму она што би можеле да го очекувате кога првпат ќе стапите во контакт со него – бескомпромисен комфор на патот. Со оглед на тоа дека пред се станува збор за семеен SUV, удобното патување е она во што најдобро се снаоѓа. Управувањето е директно, а во потрага по подинамично возење секако може да одговори, но сепак најдобро се истакнува во својата првично наменета улога.
Благодарение на своите 204 КС и 320 Nm максимален вртежен момент, Haval H6 од место до „стотка“ забрзува за 9,9 секунди пред да ја достигне максималната брзина до 200 километри на час. Секако, со оглед на димензиите на возилото, ова е сосема прифатливо, но како што веќе истакнавме, H6 не е спортист, туку автомобил наменет за комфорно крстосување по патиштата. Од аспект на потрошувачката, при нашите мерења истата варира помеѓу 11 и 12 литри, додека на отворен пат успеавме да достигнеме помеѓу 6 и 8 литри на 100 километри. Постои опција и за вградување на плински уред со фабричка гаранција за дополнителна цена од 1.200 евра кај официјалниот увозник на Haval во Македонија – Toltu.
Сериозен адут
Со цена од 38.500 евра Haval H6 на прв поглед делува дека не е нималку не е евтин за тукашниот „мајндсет“. Навикнати сме за „Кинезите“ да очекуваме да бидат евтини, а притоа со дискутабилен квалитет. Сепак, работите на глобално ниво драстично се менуваат, а H6 е најдобриот показател за тоа. Кога ќе се земе предвид опремата што ја има автомобилот, како и завршната обработка, тогаш цената делува дури и повеќе од прифатлива. Она што ни остави силен впечаток е работата сите системи. Кај Haval H6 нема никаков компромис. Напротив, имавме шанса да го тестираме и автономното возење од Ниво 2 на дело. Благодарение на големиот број активни и пасивни безбедносни асистенти успеавме да поминеме огромна автопатска делница без речиси никаква интервенција. Системите работеа и во градски услови, што исто така е навистина импресивно.
Севкупните впечатоци од неколкудневната дружба со Haval H6 се исклучително позитивни. Цената, и покрај тоа што е повисока во однос на претходниот модел, секако игра голема улога, бидејќи кинескиот SUV нуди многу за вложеното од секој аспект. Haval не ги крие своите амбиции да го освои европскиот пазар и да се наметне како сериозен играч во сегментот и е на одличен пат да ја промени перцепцијата на купувачите кога станува збор за производ кој доаѓа од Кина. Со своите димензии, опрема и пред се сите технологии и системи кои ги има на располагање, H6 дефинитивно ќе се наметне како сериозен премиум бренд на европските пазари.
Технички спецификации за Haval H6 Supreme 2.0 GDIT
Цена на тестираниот модел 38.500 евра
мотор | Euro VI, бензин, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.998 см3 |
клиренс | 190 мм |
напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, турбополнач, интеркулер |
максимална моќ | 204 KС при 5.500 min/-1 |
макс. вртежен момент | 320 Nm при 2.000-3.200 min-1 |
трансмисија | На сите тркала преку 7 степен (DCT) автоматски менувач |
потпирање | напред независни Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад независен мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери |
сопирачки | напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
пневматици | 225/55 R19 |
каросерија | SUV со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.653 x 1.866 x 1.724 мм |
меѓуоскино растојание | 2.738 мм |
траги (напред/назад) | 1.585/1.585 мм |
тежина | 1.710 кг |
максимална тежина | 2.220 кг |
багажен капацитет | 600/1.485 литри |
резервоар | 60 литри |
максимална брзина | 200 км/ч |
забрзување 0-100 km/h | 9,9 секунди |
потрошувачка (просек) | 7,4 литри 100/км |
емисија на CO2 | 169 гр/км |
Haval H6 во Македонија:
Haval H6 Supreme 2.0 GDIT 7 DCT 4×2 | 37.000 евра |
Haval H6 Supreme 2.0 GDIT 7 DCT 4×4 | 38.500 евра |
Повеќе информации во Толту Моторс на 02/ 2654-654 или www.greatwall.com.mk