Тест Lynk & Co 01: Модерна технологија во скандинавски костум

Во време кога автомобилската индустрија се соочува со најголемата трансформација во својата историја, производителите не се натпреваруваат само во перформанси и дизајн, туку и во визија. Иновациите и одржливоста се новите двигатели во современата автомобилска сфера, а производителите постојано бараат нови начини за поврзаност со потрошувачите. Некои се обидуваат со подобрена електрификација или некои нови дигитални функции. Но, некои од нив одлучуваат да ги редефинираат правилата – да создадат нови брендови, нови начини на размислување и нов пристап кон клиентите. Lynk & Co е токму таков пример: неконвенционален, прогресивен и дигитално ориентиран, со јасна цел да понуди автомобил што ќе биде повеќе од само превозно средство. а овој бренд, иако релативно нов, зад себе има многу посериозна приказна отколку што можеби изгледа на прв поглед.

Создаден како посебен проект и заедничко вложување на Geely и Volvo, Lynk & Co е резултат на стратегијата на кинескиот гигант, кој во 2010 година го презеде шведскиот производител. Geely основа нов тим и му даде слобода да развие нешто ново, за нова публика – бренд што ќе ги комбинира шведскиот инженеринг, кинеската технолошка основа и глобалниот пристап. Така, во 2016 година, Lynk & Co е официјално основан во Гетеборг со цел да ја предизвика традиционалната продажба на автомобили, со direct-to-consumer онлајн модел и флексибилни опции, со цел да биде бренд за мобилност, наместо уште еден нов бренд за возила, притоа фокусирајќи се на поврзаноста, дизајнот и заедницата, а моделот 01 станува нивниот првенец.

Тест Lynk & Co 01

Кон почетокот на оваа година имавме можност за првпат одблиску да се запознаеме со Lynk & Co 01, а сега, неколку месеци подоцна, на тест ја добивме и најновата верзија на адутот на кинеско-шведскиот бренд, што само сведочи за метеорскиот напредок на марката. И она што можеме да го забележиме „на прва“ е дека иако на прв поглед се работи за еволутивен, а не револуционерен чекор, зад оваа фина надградба се крие многу, многу повеќе.

Дизајнерска еволуција

Новиот 01 веднаш привлекува внимание, не затоа што дизајнот драматично се променил, туку затоа што е дополнително издигнат и исчистен. Се чини како Lynk & Co да ги слуша препораките на купувачите и со неколкуте промени го одведоа моделот на следно ниво. Во конкретниот примерок тест моделот дојде во Crystal White металик боја со контрастен црн покрив, црни детали околу прозорците и уникатни 20-инчни алуминиумски фелни со сини акценти кои совршено го комплетираат изгледот.

Тест Lynk & Co 01

Предниот дел останува карактеристично Lynk & Co, со тенки LED дневни светла поставени високо на хаубата, главните светла ниско на браникот и минималистичка маска која ја нагласува ширината на возилото. На задниот дел се направени најголемите промени во однос на претходната верзија. Тука се наоѓа сосема новиот LED светлосен потпис и црниот дифузер со дупли издувни цевки ја заокружуваат динамичната појава .

Силуетата останува кросоверска, но со суптилни детали што одат повеќе кон купе страна. Линијата на покривот благо се спушта наназад, а високата линија на прозорците и затемнетите задни стакла му даваат SUV софистицираност со спортска нота. Едноставно речено, ретко кој SUV во овој сегмент изгледа толку индивидуално и самоуверено, без да претерува. А Lynk & Co го прави тоа на сосема ефективен начин. Наместо да биде наметлив, како што некои други марки наметнуваат да бидат, новиот 01 е секако впечатлив, но јасно ја кристализира дизајнерската насока која Lynk & Cо се обидува да ја воспостави и по која веќе станува препознатлив, што е исклучителен и мошне важен чекор кон етаблирање на строгиот европски пазар.

Софистицирана и дигитална внатрешност

Во внатрешноста, новиот 01 нуди значајни подобрувања. Просторот и ергономијата остануваат како и досега – одлични, но сега се чувствува уште поголема дигитална зрелост. Централно место зазема новиот 15,4-инчен инфозабавен екран, кој, благодарение на Snapdragon 8155 процесорот, работи неверојатно брзо и без застој. Екранот е интуитивен, со едноставни менија и визуелен стил што делува чисто и современо. Поддршката за Apple CarPlay и Android Auto доаѓа преку OTA надградба во втората половина на 2025 година. За голем број традиционалисти и пуристи ќе биде проблем недостатокот на физички копчиња, меѓутоа менито е навистина интуитивно, па за мошне краток период ќе се навикнете на користењето. Секако, навикнете се на тоа дека при возење возилото ќе ве „опоменува“ доколку премногу гледате во екранот, наместо на патот, се со цел да се зголеми безбедноста во сообраќајот, па тоа може да биде збунувачки на почеток, но со текот на времето и тоа како ќе го цените сето тоа.

Зад воланот се наоѓа 10,2-инчен дигитален инструмент панел, со можност за персонализација и одлична читливост. За разлика од централната конзола, управувачот добива свои контроли преку кои можете да пристапите во менито. Инаку, контролите на воланот се нов детал, а позицијата зад управувачот е идеално прилагодлива, вертикално и хоризонтално.

Материјалите се внимателно избрани, во Core опрема доаѓа со рециклирани ECONYL материјали, додека More носи вештачка кожа и греење на управувач. Седиштата се комфорни, со доволно странична поддршка и електрично подесување, а задната клупа е една од најпространите во класата. Патниците назад имаат простор за нозе од 999 мм, што е повеќе од доволно за тројца возрасни, дури и на нешто подолги патувања. Багажниот простор од речиси 470 литри е со правилен облик, а електричната врата овозможува лесен пристап и внесување на товарот кој го имате.

Комфор и звучна изолација

Една од најпријатните изненадувања е звучната изолација. Дури и при возење на 130 км/ч на автопат, во кабината владее тишина. Акустичните стакла, добро изолираниот под и минималната врева од моторот овозможуваат комфор кој веќе граничи со премиум сегментот. Возењето по делницата кон Маврово, со измешани свиоци, нагорнини и автопат, откриваше колку стабилно и мирно се однесува овој SUV.

Суспензијата (MacPherson напред и Multi-link назад) е прилагодена за комфор, но во свиоците останува стабилна. Управувачот е прецизен, но во првите милисекунди има благ одзив кој не делува директно, што не е замерка, туку реална последица на хибридниот систем и тежината блиску до 1.9 тони, како и фактот дека ова не е спортско возило, туку комфорен SUV кросовер. Возилото е уверливо дури и на потесни патишта, со минимален наклон на каросеријата и сигурно сопирање, а хибридниот систем работи беспрекорно.

Ново погонско решение

Новината кај новиот 01 е целосно нов plug-in хибриден систем. Во срцето се наоѓа 1.5 литарски турбо бензинец со 4 цилиндри, кој развива 137 КС и 230 Nm, во комбинација со електромотор со 143 КС и 338 Nm. Вкупната системска моќност изнесува 276 КС и 535 Nm.

Преносот се врши преку нов 3-брзински DHT Pro менувач, кој работи речиси незабележливо во Hybrid и Pure режим. Прелистувањето на брзините е меко, без влечење, додека во Power режим респонзивноста се зголемува, иако има благо одложување при силен притисок на гас.

На патување до Маврово, со полна батерија и комбинирано возење, моделот постигна просек од 3,1 л/100 км, додека при празна батерија, потрошувачката се покачи и до 8 литри (просек) што е сосема конкурентно со оглед на масата и перформансите. Батеријата е со капацитет од 17,7 kWh, и овозможува електричен досег до 75 километри, што во реалност се претвора во 60–65 километри, зависно од условите, што е всушност и повеќе од доволно, особено при секојдневни градски употреби, каде што практично и нема да имате потреба од моторот со внатрешно согорување. Полнењето трае 2,8 часа на AC 6,6 kW полнач, што е повеќе од прифатливо.

Опрема, системи и поврзаност

Lynk & Co 01 доаѓа со исклучително богата стандардна опрема. Дури и во Core пакетот на располагање се голем број поволности што го прави овој модел исклучително конкурентен на пазарот, заедно со квалитетот на завршната обработка. Во стандардниот дел од опремата се вклучени панорамски сончев кров, адаптивен темпомат, камера за паркирање, амбиентално осветлување, навигација, Wi-Fi хотспот, Bluetooth, а секако неизоставен дел се и напредните безбедносни системи кои јасно го отсликуваат печатот на Volvo во целата комбинација. Во More верзијата на располагање се и 360° камера, греење на управувачот, електрична задна врата, Infiniti аудио систем, греење во задните седишта и уште неколку други детали.

Тест Lynk & Co 01

Заклучок: сè што треба да биде еден модерен SUV

Она што пред десетина години изгледаше како футуристичка авантура, денес е зрел производ. Lynk & Co 01 PHEV е SUV кој ги спојува новите технологии со проверени вредности простор, удобност, сигурност и економичност. Претходниот модел ни навести што можеме да очекуваме, а новата верзија ги прифати предизвиците и испорача врвни резултати. Lynk & Co 01 не се труди да биде екстравагантен, туку едноставно паметен. И во тоа успева, користејќи ги своите најголеми адути како електричниот опсег, звучната изолација, врвната и современа дигализација, реалната потрошувачка, богатата опрема и убедливите перформанси.

Мисијата на Lynk & Co е „Размислувај надвор од автомобилот“, да се создаде мобилност ориентирана кон корисникот, со фокус на вредноста на искуството преку дизајн, технологија и поврзаност и се чини дека направи полн погодок со 01.

Со конкурентната цена, но и фактот што споделува технолошки решенија како што се моторите и платформите со возилата на Volvo и Geely, овој модел го нуди она што многу други PHEV конкуренти го наплатуваат многу поскапо. И ако сте подготвени да прифатите нешто ново, нешто поинакво – тогаш 01 можеби е токму тоа што ви треба.

Технички податоци за Lync & Co 01 1.5 TD Plug-in Hybrid DHT Pro
мотор Euro VId TEMP, бензин, четиритактен, чеитрицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.477 см3
пречник и од 73.4 x 88.57 мм
степен на компресија 10,5:1
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
Макс. моќ на мотор со внатрешно согорување 

Mакс. моќ на електромотор

Макс. моќ на хибриден систем

137 KС (102 kW) при 5.500 min/-1 

143 КС (107 kW)

276 КС

Макс. вртежен момент на мотор со внатрешно согорување/
Mакс. вртежен момент на електромотор/
Макс. вртежен момент на хибриден систем
230 Nm при 1.500 min-1/ 

330 Nm/

535 Nm

трансмисија 3-степен за Хибрид – 3DHT Pro
потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 235/45 R20
каросерија SUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.545 x 1.860 x 1.694 мм
меѓуоскино растојание 2.734 мм
Електричен опсег на движење 75 километри
тежина 1.830 кг
максимална тежина 2.350 кг
багажен капацитет 466/1213 литри
резервоар 42 литри
капацитет на батерија 17,7 kWh
максимална брзина 200 км/ч
забрзување 0-100 km/h 7,7 секунди
декларирана просечна потрошувачка 0.9 – 6.4 л/100 км
емисија на CO2 24 г/км

Lynk & Co 01 во Македонија:

Lynk & Co 01 Core 41.990 евра
Lynk & Co 01 More 46.990 евра

Повеќе информации во Делфино Рент-а-Кар, на www.lynkco-see.com/mk , или на тел. 078 260 328

Конкуренти:

Ford Kuga PHEV од 43.900 до 51.500 евра
Toyota RAV4 PHEV од 54.290 до 58.900 евра
Cupra Formentor PHEV од 42.659 до 46.769 евра

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button