fbpx

Тест Nissan Juke Hybrid: Електрификација на свој начин

Кога во 2010 се појави на пазарот, Nissan основаше една целосно нова категорија и класа на автомобили, таканаречените урбани кросовери. Во тој момент јапонскиот производител пласираше производ кој беше исклучително оригинален и различен од остатокот, што никого не оставаше рамнодушен. Цела деценија и над милион и половина продадени единици му беа потребни на Nissan да ја претстави втората генерација на Juke, моделот кој се испостави како пионер во класата во која денес има преку 20 конкуренти. Четири години по премиерата на новата генерација, Nissan ја зацврстува позицијата на својот адут во исклучително силната класа откако Juke го доби својот прв хибриден погон.

Стајлингот на оригиналниот Nissan Juke со сигурност делуваше доста поларизирачки, на одреден дел од публиката и изгледаше како револуционерна и модерна интерпретација на автомобилскиот дизајн, додека во спротивниот табор сметаа дека станува збор за карикатура со несинхронизиран стилски израз. Како и да се земе, критиките не направија никаква штета на успехот кој го постигна Juke, впрочем, бројката од 1,5 милиони продадени примероци кажува доволно за неговата популарност. Дизајнерите во Nissan точно знаеја која е појдовната точка и дека во случајов главна работа е да се задржи индивидуалноста на дизајнот. Од тука, новата, свежо дизајнирана надворешност на оваа втора генерација, треба да го направи Juke уште попопуларен.

Поинаков на свој начин

Но, кога станува збор за хибридниот погон, тука нема место за компромис. Електрификацијата е неминовност, а се построгите регулативи во Европа навестуваат целосно електричен погон од 2035 година за сите производители. Поради тоа, предвидено е постепено преоѓање на струја, а составен дел од сето тоа се хибридите. Токму затоа Nissan забрзано ја електрифицира европската понуда, а Juke е неизоставен дел од сето тоа.

За разлика од Qashqai, Juke добива сосема поинаков хибриден погон. Малиот кросовер користи испробан рецепт, применувајќи технологија на таканаречен сериски-паралелен хибрид. Но, Juke не би бил Juke, ако и тука нема свои специфичности. Менувачот не е CVT, туку автоматски со четири степени за бензинскиот и две брзини за електромоторот. Впрочем, овој хибриден погон е развиен од Nissan и Renault и веќе се користи кај E-Tech варијантите на Renault Clio и Captur.

Погонскиот склоп е составен од природно аспириран 1,6-литарски четирицилиндричен бензински мотор кој испорачува 94 КС и 148 Nm максимален вртежен момент, електромотор кој испорачува 49 КС и 205 Nm, како и втор електромотор кој работи како високо-волтажен стартер генератор, 1,2 kWh водено ладена батерија и софистициран мулти-режимски менувач кој ја испраќа моќноста на предната оска. Вкупната моќност на системот е 143 КС, а Nissan во целата приказна го додаде и својот систем „e-Pedal“ кој овозможува контрола на забрзувањето и забавувањето само со помош на педалата за гас.

Сè на сè, предноста на хибридната технологија е фактот што има 25 проценти поголема моќност во споредба со сегашниот трицилиндричен турбо бензинец, со околу 40 проценти помала потрошувачка во градски услови на возење и до 20 проценти помала во комбинирани услови.

Тест Nissan Juke Hybrid

Уште подобро возачко искуство

Системот е добро прилагоден, така што при стартување на автомобилот, како и при помали брзини речиси цело време ќе возите на електрична енергија. Малиот кросовер може да достигне брзина до 55 километри на час во целосно електричен режим, a бензинскиот мотор стартува само кога ќе притиснете посилно на педалата за гас. На отворен пат, пак, бензинскиот мотор се исклучува дури и при најмали надолнини или кога ќе ја тргнете ногата од педалата за гас. Се разбира, можете да го вклучите и режимот EV со копчето, но тој ќе работи само ако брзината не е преголема и ако батеријата е доволно наполнета. Сепак станува збор за самополнечки хибрид, па полнењето автоматски се извршува со сопирање и отпуштање на педалата за гас.

Иако капацитетот не е голем, батеријата нуди доволно струја за често исклучување на моторот, а причина за тоа е прилично брзото полнење преку регенерација. Сето тоа резултира со нешто помала потрошувачка која според Nissan изнесува само 5,2 литри. Тоа е добар резултат за градски кросовер со автоматски менувач и 143 КС. Во Sport режимот на возење, автомобилот умее да биде исклучително остар со меѓузабрзувањето, но само до некои 100 километри на час, а, хибридната технологија кај Juke Hybrid донесе уште поспортски карактер, бидејќи реакцијата на педалата за гас е неспоредливо подобра и побрза во однос на обичниот Juke. Суштински, Juke Hybrid во возењето според карактерот е многу поблиску до чисто електричен автомобил, отколку до традиционалниот погон со мотор на согорување.

Благодарение на e-pedal опцијата, Juke Hybrid повторно се разликува во однос на конкуренцијата. Со притискање на копчето се активира оваа функција и автоматски возачот нема потреба од притискање на сопирачките, овозможувајќи подобра рекуперација на батеријата, а се покажува и како исклучително релаксирачка за возачот, бидејќи можете да го управувате возилото само со педалата за гас.

Ажурирање во стајлингот

Кога станува збор за визуелноста, Juke Hybrid може да се разликува во однос на остатокот од понудата преку редизајнираната решетка која добива активно затворање на отворите за воздух, новиот Nissan амблем, Hybrid беџови на предните врати и задната врата, како и нешто поинаков заден спојлер. Дизајнерите на Nissan исто така ја сменија формата на заштитата на каросеријата, а притоа додадоа и заштитен капак на задната оска. Сите промени ја подобруваат аеродинамиката, со што се намалува коефициентот на отпор и се зголемува ефикасноста. На крајот, Juke Hybrid добива и нов сет на 17-инчни тркала од лесна легура кои се наменети за целата постава на Juke, а моделот исто така е достапен со опционалните 19-инчни аеродинамични тркала од Nissan Ariya.

Тест Nissan Juke Hybrid

Во внатрешноста, Nissan вели дека промените се ограничени на посебен елемент на инструмент кластерот кој е наменет за хибридната моќност, потоа новата графика на 7-инчниот екран кој го прикажува протокот на енергија и дополнителни копчиња за e-Pedal и EV режимите на централната конзола.

Кога станува збор за остатокот, тука нема промени. Како што е веќе познато, новата генерација на моделот Juke е поставена на нова платформа која на малиот кросовер модел му носи поголеми габарити во секоја насока. Сега тој е поширок за 29 мм, додека сèвкупната должина е зголемена за 75 мм. Што е уште поважно, меѓуоскиното растојание е продолжено за цели 105 мм. Со овој потег конечно е добиен соодветен простор за патниците на задната клупа, која инаку често беше цел за незадоволство кај неговиот предходник. Исто така е повисок за 13 мм, со што е овозможено да има повеќе простор, повторно, особено на задната клупа. Сепак, хибридниот погон со себе носи и жртви, па поради батеријата, багажниот капацитет е намален за 68 литри.

Нов погодок

Квалитетот на возењето е едно од најдобрите, одговорните лица во Nissan се погрижиле да добијат вистинската рамнотежа помеѓу удобноста и контролата, дозволувајќи им на оние што сакаат да возат со малку повеќе ентузијазам да не се чувствуваат иземени од процесот. Дури и при поголема брзина, бучавата од патот и ветерот се добро пригушени.

Коктелот од кој е составен дополнително треба да го подигне потенцијалот што го поседува Juke, далеку позрел, но и позабавен од преходно, полн со шарм кој нескриено го истакнува во секоја прилика. Со хибридната верзија ќе добиете нешто потивко работење и помала потрошувачка. Но, без оглед на избраниот погонски систем, купувачите кои страдаат од изгледот нема да размислуваат многу. Хит моделот на Nissan повторно цели високо на топ листите.

Цена на тестираниот модел: 40.800 €

Технички податоци за: Nissan Juke Hybrid Tekna
мотор Euro 6d-ISC-FCM, бензин, четиритактен, четирицилиндричен, воздушно ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.598 см3
пречник и од 72.2 x 81.3 мм
степен на компресија 10,5:1
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, мултипоинт индиректно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
Макс. моќ на мотор со внатрешно согорување/
Mакс. моќ на електромотор/
Макс. моќ на хибриден систем
94 КС KС при 4.250 min/-1
49 КС (82 kW) при 2.500 min/-1
143 КС
Макс. вртежен момент на мотор со внатрешно согорување/
Mакс. вртежен момент на електромотор/
Макс. вртежен момент на хибриден систем
148 Nm при 3600 min-1/
205 Nm/
трансмисија на предни тркала преку 6-степен автоматски менувач
потпирање напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад торзиона оска, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачки напред вентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 225/45 R17
каросерија кросовер со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4210 x 1800 x 1595 mm
меѓуоскино растојание 2636 mm
траги (напред/назад) 1.561/1.555 mm
тежина 1287-1296 кг
максимална тежина 1735 кг
багажен капацитет 354 литри
резервоар 46 литри
максимална брзина 166 км/ч
забрзување 0-100 km/h 10.1 секунди
просечна потрошувачка на хибриден систем 5,2 л/100 км
емисија на CO2 114-115 г/км
Nissan Juke во Македонија
Nissan Juke Visia 1.0 DiG-T 25.490 евра
Nissan Juke Acenta 1.0 DiG-T 27.850 евра
Nissan Juke Acenta 1.0 DiG-T DCT 29.590 евра
Nissan Juke N-Connecta 1.0 DiG-T 30.450 евра
Nissan Juke Tekna 1.0 DiG-T 33.000 евра
Nissan Juke Tekna 1.0 DiG-T DCT 34.390 евра
Nissan Juke N-Connecta 1.6 Hybrid 37.340 евра
Nissan Juke Tekna 1.6 Hybrid 40.800 евра
Конкуренти
Citroen C3 Aircross од 23,390 до 26,390 евра
Renault Captur E-Tech Hybrid од 35.690 до 39.490 евра
Peugeot 2008 од / до / евра
Seat Arona од / до / евра
Volkswagen T-Cross од 31.613 до 35.049 евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button