Тест Nissan X-Trail e-Power e-4ORCE: Нова хибридна димензија
Во време кога секаде низ светот бирократите воведуваат законски рокови од кога сите нови возила во авто салоните треба да бидат комплетно електрични, пазарите и постоечката инфраструктура тешко го поднесуваат наметнатиот притисок. Затоа, производителите на возила изнаоѓаат разни начини како да ја имплементираат електрификацијата кај постоечките модели со вградување на хибридни технологии со што ќе ги исполнат строго поставените услови, продолжувајќи го животниот век на моторите со внатрешно согорување. Па затоа се почесто кај моделите се сретнуваа придавки од типот, мек хибрид, самополнечки хибрид, приклучен хибрид… Се од веќе наведеното дошло во нашата редакцијата во повеќе наврати, но модел кој ја имплементира хибридната технологија на начин како Nissan X-Trail е за прв пат во нашите раце.
Авантурист по природа
Екстериерот на X-Trail е креиран по теркот кој го комбинира модерниот дизајн со робустни карактеристики на SUV што резултира со севкупен моќен и динамичен изглед. Надворешноста е дефинирана со неколку карактеристични елементи. Визуелниот идентитет на предниот дел го диктира препознатливата „V-Motion“ решетка, со хромирани детали и е опкружена со модерни предни светла поделени на две нивоа, тенки дневни LED светла поставени повисоко и главни светлосни единици поставени пониско на браникот. Овој уникатен аранжман на светлата му дава карактеристичен изглед, особено ноќе.
Профилот на X-Trail е дефиниран со изразени контури и мускулести линии кои го нагласуваат неговиот SUV карактер. Високата линија на прозорците придонесува за поспортски изглед, а долниот дел на вратите е заштитен со пластични облоги, кои нудат дополнителна заштита при возење во теренски услови. На задниот дел има широко поставени светлосни групи што се протегаат од страните кон центарот. Браникот е со изразена форма, што го истакнува неговиот теренски дух, додека сосема на другиот крај е поставен спојлер кој делува како завршеток на интегрираните кровни носачи. Севкупно, со своите модерни линии и карактер што вешто кокетира со богатата „of-road“ историја, X-Trail делува подготвен за секојдневни авантури, додека истовремено зрачи со премиум дизајн.
Функционална елеганција
Внатрешноста на Nissan X-Trail е внимателно дизајнирана за да обезбеди високо ниво на комфор, функционалност и технологија, со цел да го направи возењето пријатно за возачот и патниците. Уште при првиот поглед се забележуваат квалитетните, меки на допир материјали, кожните детали и декоративните елементи кои ја нагласуваат премиум естетиката. Седиштата се ергономски дизајнирани за удобност и долготрајна поддршка, особено на подолги патувања, а задната клупа е поставена на лизгачки шини, што овозможува флексибилно користење на просторот.
Багажниот простор нуди 575 литри во конфигурација со кога сите пет седишта се во употреба, доволен за секојдневните потреби на едно семејство. Доколку задниот ред седишта се преклопи, капацитетот се зголемува до речиси 1.400 литри, овозможувајќи доволно место за пренос на поголеми предмети или дополнителен багаж. На средината од предниот дел на контролната табла е поставен 12.3-инчен екран на допир, кој е задолжен да ги прикажува инфозабавните содржини, навигацијата и проекцијата од 360 степени од камерите за паркирање. Системот е компатибилен со Apple CarPlay и Android Auto, овозможувајќи лесно поврзување со паметни телефони и пресликување на омилените апликации. Дополнително, пред возачот се наоѓа дигитална контролна табла со персонализирано прикажување на информации како брзина, навигација и состојба на возилото, што ја олеснува интеракцијата.
За тивка и пријатна атмосфера во кабината, се задолжени напредни материјали за акустична изолација, кои значително го редуцираат шумот од патот и моторот, овозможувајќи максимално тивка кабина при секое патувањето. Со својата напредна технологија, квалитетни материјали и дизајн ориентиран кон удобноста, X-Trail создава луксузно возачко искуство, умешно комбинирајќи ги елеганцијата и функционалноста, се со цел да се добие што е можно повисок квалитет и комфор во секојдневното возење.
Уникатна хибридна конфигурација
Зборувавме за робусниот надворешен изглед, за внатрешноста која е изведена по премиум терк, но сепак вистинската ѕвезда во целиот пакет е „e-POWER“ агрегатот. Компанијата Nissan во X-Trail го вградува иновативниот хибриден погонски систем кој користи уникатна конфигурација, сосема различна од традиционалните хибриди кои веќе се честа појава во денешницата.
Компанијата Nissan со моделот X-Trail нуди уникатно хибридно искуство благодарение на иновативниот „e-POWER“ погонски систем, кој се разликува од традиционалните хибриди. Со овој систем, тркалата се придвижуваат исклучиво од електрични мотори, овозможувајќи моментален вртежен момент и мазно забрзување, карактеристично за електричните возила. Бензинскиот мотор со три цилиндри и зафатнина од 1.5 литри располага со 158 КС, но во овој случај не ги придвижува тркалата директно во ниту еден момент, туку создава електрична енергија за батеријата и електромоторите. Оваа конфигурација овозможува моторот да работи оптимално, што го намалува трошењето гориво и ги минимизира емисиите.
Литиум-јонската батерија од 2.1 kWh складира електрична енергија и овозможува краткорочни чисто електрични возења, додека инвертерот ја прилагодува електричната енергија за напојување на моторите. Иако не е толку голема како кај целосно електричните возила, таа е доволна за краткотрајни електрични возења и обезбедува дополнителна поддршка на електромоторите. Резултатот е возачко искуство кое е речиси идентично на целосно електрично возење – тивко, мазно и со моментална реакција при забрзување, додека бензинскиот мотор останува максимално тивок. Благодарение на оваа технологија, X-Trail нуди придобивки од електричниот погон, но без потреба од полнење на возилото со електрична енергија, што значи дека комбинира практичноста на хибридниот и електричниот погон.
Технологии кои меѓусебно се унапредуваат
Покрај уникатниот хибриден погон, X-Trail користи и напреден погон на сите тркала наречен „e-4ORCE“. Овој систем комбинира два електромотори, еден на предната и еден на задната оска. Првиот е со моќност од 204 КС и ја движи предната оска, додека вториот мотор со 136 КС обезбедува дополнителна сила за задната оска, создавајќи погон на сите тркала без механичка врска помеѓу нив. Поради тоа, овозможува прецизна и брза распределба на вртежниот момент меѓу предната и задната оска во зависност од условите на патот, што ја подобрува тракцијата и стабилноста. Системот постојано ја приспособува распределбата на вртежниот момент, овозможувајќи безбедност и стабилност, особено при сопирање и забрзување. На пример, при забрзување на лизгав пат, „e-4ORCE“ го зголемува вртежниот момент на задната оска за подобра тракција, додека на сув пат префрла поголем дел од силата на предните тркала за подобра економичност.
Меѓусебната поврзаност на „e-POWER“ и „e-4ORCE“ системите создава балансирана комбинација од перформанси, економичност и безбедност, што го прави X-Trail погоден за различни терени и возачки услови. Декларираната просечна потрошувачка 6,6 литри. не е многу далеку од постигнатиот резултат на тестот кој изнесуваше 7,2 литри на 100 км. Постигнатиот резултат е солиден за возило и од пониска класа, а за возило како X-Trail, од речиси 2 тона и аеродинамика која е идентична на помала куќа се смета за одлично постигнување. Истот важи и за перформансите, забрзувањето до 100 км/ч изнесува 7 секунди, а максималната брзина е електронски лимитирана на 180 км/ч.
Моделот X-Trail со својот модерен дизајн, пространа и напредна внатрешност, како и иновативен хибриден погон, создава уникатна комбинација на електрификација и SUV функционалност. Овој модел овозможува совршен баланс помеѓу традиционалното и современото, правејќи го одличен избор за урбан начин на живот, подолги семејни патувања и авантури.
Цена на тестираниот модел 65.990 евра
Технички податоци за Nissan X-Trail e-Power e-4ORCE
Спецификација | Детали |
Мотор | Euro VId TEMP, бензин, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
Работна зафатнина | 1.497 см³ |
Пречник и од | 84,0 x 90,1 мм |
Степен на компресија | 8,0:1 – 14:1 |
Напојување | Две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер |
Максимална моќ | 158 КС (116 kW) при 4.600 min/-1 |
Макс. вртежен момент | 250 Нм при 2.400 – 4.400 min-1 |
Макс. моќ на преден електромотор | 204 КС (150 kW) при 0 min/-1 |
Макс. моќ на заден електромотор | 136 КС (100 kW) при 0 min/-1 |
Макс. моќ на двата електромотори | 340 КС (250 kW) |
Макс. вртежен момент на електромотори | 525 Нм |
Максимална системска моќ | 213 КС |
Максимален системски вртежен момент | 525 Нм |
Капацитет на батерија | 2.1 kWh бруто / 1.73 нето kWh (Li-Ion) |
Трансмисија | Погон на сите тркала преку безстепен автоматски менувач |
Потпирање напред | Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор |
Потпирање назад | Multilink, спирални пружини, телескопски амортизери |
Сопирачки | Напред: самовентилирачки дискови; Назад: дискови; со ABS, EBD, ESP, TCS |
Пневматици | 235/55 R19 (напред) 235/55 R19 (позади) |
Каросерија | SUV со пет врати, пет седишта |
Димензии (Должина x Ширина x Висина) | 4.680 x 1.840 x 1.720 мм |
Меѓуоскино растојание | 2.705 мм |
Траги (напред/назад) | 1.585/1.590 мм |
Тежина | 1.920 кг |
Максимална тежина | 2.345 кг |
Багажник | 575/1.396 литри |
Резервоар | 55 литри |
Максимална брзина | 180 км/ч |
Забрзување 0-100 км/ч | 7.0 секунди |
Просечна потрошувачка по WLTP | 6,6 л/100 км |
Емисија на CO2 | 141 г/км |
Nissan X-Trail во Македонија
Модел | Цена |
Nissan X-Trail Acenta 1.5 CVT 163HP 5S | 46.190 евра |
Nissan X-Trail N-Connecta 1.5 CVT 163HP 7S | 49.890 евра |
Nissan X-Trail Tekna 1.5 CVT 163HP 7S | 53.690 евра |
Nissan X-Trail Tekna+ 1.5 CVT 163HP 5S | 57.990 евра |
Nissan X-Trail Tekna e-Power 204 HP 5S | 58.490 евра |
Nissan X-Trail N-Connecta e-Power e-4ORCE 213HP 7S 4WD | 58.990 евра |
Nissan X-Trail N-Trek e-Power e-4ORCE 213HP 7S 4WD | 60.890 евра |
Nissan X-Trail Tekna+ e-Power e-4ORCE 213HP 7S 4WD | 67.490 евра |
Повеќе информации во Аутомотив Груп, на (0) 2 51 11 130 или на www.nissan.mk
Конкуренти:
Toyota RAV4 | од 42.790 до 58.990 евра |
Ford Kuga | од 36.900 до 51.500 евра |
Renault Rafale | од 53.740 до 59.740 евра |