fbpx

Tест Peugeot 208: Лав со урбани манири

Француската компанијата го комбинираше минатото со сегашноста во новиот модел 208, а како резултат се добива надворешен стајлинг кој го прави естетски лидер во класата, внатрешноста е уникатна на посебен, француски начин, а под поклопецот пакува еден од подобрите трицилиндерски агрегати на денешницата. Наведените атрибути создаваат можност овој компактен автомобил да биде вистински хит на марката Peugeot.

Со новата генерација на Peugeot 208 компанијата се враќа на старата патека која за него ја трасираше легендарната 205-ка. Во тој период компактните автомобили покрај своите димензии во себе носеа каратер кој отскокнуваше едно време со помалку грижи, повеќе стил и забава во возењето. Веројатно, одговорните лица сметаат дека токму сега е вистинскиот момент тоа да се повтори. По македонска промоција пред некоја недела, еве го сега и во нашата редакција.

Градски шармер

Дизајнерите при обликувањето на екстериерот користеле елементи кои асоцираат на неговиот далечен предок, моделот 205, а во исто време совршено го имплеметирале дизајнерскиот јазик применет кај големиот 508 во компактна средина. Темната лента над задната врата и ознаката потекнува од познатата 205-ка, исто така, во предниот дел Peugeot го комбинираше минатото со сегашноста. Означувањето на типот на поклопецот од агрегатот и логото на лавот во решетката датира од седумдесеттите години на минатиот век, додека пак „забите“ што навлегуваат во браникот се детали од новото време.

Јасно влечените линии и речиси совршените пропорции со одлично одмерен карактер го прават 208 посебен, речиси да нема конкурент во оваа класа што може да го победи кога стајлингот е во прашање, едноставно моделот 208 е естетски лидер во оваа класа. Колку е забележлив изгледот на новиот Peugeot 208 се уверивме во неколкудневното дружење, каде што речиси секој ден во повеќе наврати наидувавме на позитивни реакции од останатите учесници во сообраќајот, особено голема улога игра впечатливата промотивна жолта Faro боја, за која може да потврдиме дека изгледа навистина фантастично.

Peugeot 208

Француски шмек

Кабината на новиот 208 е нешто сосема различно од она што сме навикнати да го сретнеме во овој сегмент, забележливо е дека инспирацијата доаѓа од поголемите модели на Peugeot кои се од поновата историја. Распоредот и амбиентот создаваат чувство кое е на врвот на класата, ова е навистина квалитетно место каде што времето поминато зад управувачот носи насмевка на лицето. Сето тоа се должи на најновата генерација на i-Cockpit системот во 3D изведба каде сите најважни информаци се прикажани во прв план како холограм веднаш зад невообичаено малиот управувач. Идејата е да ги следите информациите над воланот, а не како што е вообичаено низ него. Целиот процес бара мало привикнување, но штом ја пронајдете позиција претставува вистинско задоволство. Во склоп со новото време имплементиран е и инфозабавн систем од 7 инчи, како што е ред лесно се поврзува со системите на мобилните телефони од типот на Android Auto и Apple Car Play.

Управувањето со функциите е изведено преку клавирските типки кои се логично поставени и имаат предодредена улога за брз пристап до една од функциите. Лицата кои се сместени на предните седишта уживаат максимален комфор, додека оние што се наоѓаат во задниот дел имаат релативно ограничен простор, особено во делот на колената. Сепак, соодветно големите задни прозорци на 208 не го прават тој дел клаустрофобичен и темен, така што лицата сместени задната клупа ќе немаат многу поплаки. Во оваа класа багажниот простор игра особено важна улога, тука Peugeot 208 настапува со достапни 310 литри во основната конфигурација, а со соборување на задните делливи седишта се ослободува место до максимални 1.106 литри.

Peugeot 208

Совршен партнер

Моделот 208 со кој се дружевме поседуваше округли 100 КС што се покажаа повеќе од доволни за секојдневните потреби, истите доаѓаат како производ на моторот со зафатнина од 1.2 литри кој се смета за еден од најдобрите трицилиндерски единици во моментов. Се одликува со мазно работење без разлика дали е на ниски или високи вртежи, речиси комплетно се анулирани вибрациите и секогаш е подготвен да повлече, а работи во склоп со добро пресметаниот и прецизен менувач со шест брзини. Карактерот што го поседува овој мал турбо агрегат со 205 Nm влечна сила се наметнува како идеална опција кај новиот 208.

Перформансите кои ги испорачува се достојни за класата, забрзувањето до 100 км/ч трае 9,9 секунди, а максималната брзина изнесува 188 км/ч. Економичноста е неговата јака страна, иако не ја постигнавме декларираната потрошувачка, во нашите раце моделот 208 трошеше во просек по 6,5 литри на секои 100 изминати километри. Вредно е да се напомене дека овој двигател како и останатите од понудата се со исклучително ниско ниво на штетни издувни гасови и се квалификуваат во Euro 6 d-Temp нормата. Автомобилот со оваа моќност и основна суспензија поставен на тркала од 16 инчи делува доста рафинирано во возењето, еластично и забавно. Во свијоци е максимално сконцентриран, се држи смирено и реагира  агилно. Долгите рути исто така не му преставуваат проблем, во тој случај до израз доаѓа комфорот и лесното управување.

Peugeot 208

 

 

Кај новата генерација на Peugeot 208 се забележува огромната желба и труд кој е вложен во неговот креирање, значителни подобрувања се очигледни во секоја област, со што овој модел се искачува погоре во сегментот. Французите уште еднаш успеаа да создадат неверојатно стилски и привлечен модел кој зрачи на посебен начин, затоа сметаме дека овој компактен автомобил заслужува да биде хит за компанијата Peugeot.

Повеќе информации во Еуроимпекс или на тел. (02) 3111 000.

Технички податоци за Peugeot 208 1.2 100 КС Allure:

мотор Euro 6d-TEMP 1.2 PureTech три цилиндри во линија, сместен напред напречно
работна зафатнина 1200 cm3
пречник и од 75×90,5
степен на компресија 11:00
напојување Четири вентили по цилиндар, турбокомпресор со директно вбризгување
максимална моќ 100 КС при 5500 вртежи во минута
макс. вртежен момент 205 Nm при 1750 вртежи во минута
трансмисија Шест-степен мануелен менувач
потпирање Напред: Pseudo Макферсонов систем, позади: торзиона оска
сопирачки Напред: Вентилирачки дискови, назад: дискови
пневматици 195/55 R16
каросерија хечбек со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.055 mm x 1.745 mm x 1.430 mm
меѓуоскино растојание 2.540 mm
траги (напред/назад) 1.500/1.500
тежина 1.090 kg
максимална тежина 1.595 kg
багажен капацитет 406 литри
резервоар 44 литри
максимална брзина 188 километри на час
забрзување 0-100 km/h 9,9 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 3,8/5,3/4,4
емисија на CO2 97 g/km

Peugeot 208 во Македонија:

Peugeot 208 Like 1.2 PureTech 12.990 евра
Peugeot 208 Active 1.2 PureTech (75 КС) 13.630 евра
Peugeot 208 Active 1.2 PureTech (100 КС) 14.830 евра
Peugeot 208 Active 1.5 BlueHDI 16.490 евра
Peugeot e-208 Electric 50 kWh 136 32.520 евра
Peugeot 208 Allure 1.2 PureTech EAT8 (100 КС) 18.250 евра
Peugeot 208 Allure 1.5 BlueHDI 17.710 евра
Peugeot 208 GT-Line 1.2 PureTech EAT 8 (130 КС) 22.660 евра

Конкуренција:

Seat Ibiza Од 15.650 до 20.630 евра
Volkswagen Polo Од 15.435 до 23.598 евра
Kia Rio Од 12.590 до 15.390 евра
Renault Clio Од 12.890 до 20.790 евра

Поврзани вести

Back to top button