Викенд тарифа: Фернандо Алонсо зад воланот на Toyota Yaris GR
Двократниот светски шампион во Formula 1, Шпанецот Фернандо Алонсо, имаше чест да го тестира новиот модел на Toyota Yaris GR
Фернандо Алонсо имаше можност на патеката во Ешторил, Португалија, да ја тестира „џебната ракета“ на Toyota, Yaris GR и евидентно беше воодушевен од способностите на автомобилот.
„Овој автомобил е совршена комбинација на спортско возило и добри перформанси. Овој автомобил може да се вози секојдневно и целосно да ве воодушеви штом ќе ја напушти гаражата, бидејќи веќе на првата кривина ќе видите дека е малку подобар од она што го очекувате“, изјави Фернандо Алонсо.
Новата Toyota Yaris GR поседува 1,6-литарски бензински мотор со три цилиндри кои можат да произведат 257 КС и сила од 360 Nm вртежен момент со помош на шестстепениот мануелен менувач. Toyota тврди дека овој модел до „стотка“ стигнува за 5,5 секунди, а максималната брзина достигнува до 230 километри на час.
Во Европа ќе биде достапен за купувачите кон крајот на годината, а наскоро ќе биде позната и неговата цена.