fbpx

Volkswagen го објави првиот тизер за освежениот Tiguan

Германскиот производител започна со промотивните активности околу премиерата на рестилизираниот Tiguan кој се очекува наскоро да се појави на пазарот

Можеби делува чудно што Volkswagen на еден ваков начин најавува „обична“ рестилизација, но мора да се земе предвид дека Tiguan е од круцијална важност за германскиот гигант. Имено, Tiguan минатата година беше најпродаваниот автомобил на Volkswagen, со 911.000 продадени примероци. Сега, со оглед на тоа дека актуелната генерација на германскиот SUV е на половина од својот пазарен век, очекувано е VW да ги промовира своите веќе најавени активности околу освежувањето на моделот.

Tiguan е првиот модел на производителот од Волфсбург кој ќе мине низ фазата на освежување, а потоа следува Allspace варијантата. Не е исклучено Volkswagen да воведе и перформансна R верзија на овој SUV. Но, кога станува збор за обичниот модел и скицата која е објавена во вид на тизер, може да се забележи нов браник и поинаков изглед на решетката. Од VW најавуваат големи промени со целосно нов анфас, а колку сето тоа ќе биде точно ќе мораме да го почекаме летото за кога е закажана премиерата на освежениот модел и да се увериме самите.

Што се однесува до ентериерот, според некои информации се очекува Tiguan да го добие сето она што досега го видовме кај новата генерација на Golf, односно дигитална инструмент табла, со голем екран од инфозабавниот систем. Доста интересно се очекува да биде со палетата на мотори. Volkswagen веќе најави дека нема намера да ги исфрли дизел моторите од понудата, така што веројатно ќе има помали промени во согласност со агрегатите кај остатокот од гамата, се со цел намалување на емисијата на CO2.

Тоа што веќе се знае и е официјално потврдено е дека освежениот Tiguan ќе пристигне и со plug-in хибридна варијанта, која ќе ја користи ознаката GTE, но останува непознато дали хибридната верзија на овој SUV ќе го преземе погонскиот склоп кој го користат Golf и Passat во своите GTE изданија.

Поврзани вести

Back to top button