Volkswagen го претстави ID.7 Tourer
ID.7 Tourer на Volkswagen пристигнува на европскиот пазар со нова опција за батерии со поголен опсег и вграден ChatGPT
Volkswagen е решен да го промени мислењето кое владее меѓу поголемиот дел од јавноста кога станува збор за електричните автомобили. Општо размислување е дека електричните автомобили се повеќе наменети за оние кои секој ден поминуваат само неколку километри до работа и дома, но се уште се далеку од идеални за оние индивидуалци или семејства кои имаат потреба да поминат поголема дистанца. Тука на сцена стапува новиот ID.7 Tourer, караванската верзија на лимузината ID.7 на VW.
Големата вест, покрај дополнителниот товарен капацитет што доаѓа со оваа каросериска изведба, е воведувањето на поголем пакет батерии. Новата опција за батериите ќе се најде и во глобално продадените седани ID.7 подоцна оваа година, и покрај тоа што ID.7 Tourer ќе биде наменет само за Европа.
Основниот ID.7 доаѓа со батерија од 77 kWh што е поставена на секој ID.7 од лансирањето, но поскапата верзија наречена ID.7 Pro добива нов пакет со моќност од 86 kWh за кој VW проценува дека ќе биде добар за 685 километри помеѓу полнењата според WLTP циклусот. VW не откри никакви бројки за караванот со помалата батерија, но сегашниот седан ID.7 со батерија од 77 kWh нуди респектабилни 616 километри.
И за да се задржи времето на полнење во голема мера исто помеѓу двете верзии, поголемата батерија може да се полни со 200 kW, наместо 175 kW. Тоа значи дека за полнење од 10-80 проценти потребни се 28 минути во поевтиниот автомобил и разумни 30 минути во Pro верзијата. За која верзија и да се одлучите, ќе биде опремена со единечен електричен мотор од 286 КС што ги движи задните тркала.
Повеќе товарен простор и ChatGPT инфозабава
VW вели дека максималниот товарен капацитет со спуштени задни седишта е 1.714 литри, во споредба со 1.586 литри кај седанот. Дури и со поставените задни седишта и со багажот натоварен само до прозорецот, купувачите на Tourer сè уште имаат корист од дополнителни 73 литри. Багажникот со исправени седишта има капацитет од 605 литри, а дилерите на VW ќе нудат и прегради за да поделба на багажот.
Кога станува збор за остсатокот од ентериерот, ID.7 Tourer не се разликува од лимузината ID.7. Тука е истиот мал дигитален пакет инструменти и голем, 15-инчен екран на допир на таблетот кој е поставен на контролната табла. Она што е ново е интеграцијата на ChatGPT AI технологијата, нешто што VW го откри на CES во Лас Вегас претходно оваа година. Седанот е исто така предодреден да го добие истиот пакет, кој ветува подобрен гласовен асистент IDA кој може да управува со повеќе карактеристики на автомобилот и да истражува информации на интернет, како и head-up дисплеј кој сега покажува упатства за навигација од Apple CarPlay и Android Auto.
Електричните каравани се специфичен производ, па јасно е дека моделот во Европа нема да има голем број ривали. VW не ги објави цените, a производството ќе се одвива во истата фабрика во Емден во Германија каде VW го склопува „обичниот“ ID.7 како и ID.4.