Volkswagen во февруари ќе одлучува за фабриката во Турција
Volkswagen групацијата не размислува да бара нова локација за својата мултибренд фабрика од Турција, вредна 1,3 милијарди евра
Одлуката на Volkswagen да се гради фабриката во Турција е се уште на чекање и нема да биде донесена се до февруари. Останати локации надвор од Турција не се земени во предвид.
VW го избра градот Маниса, 40 километри североисточно од Измир на западниот брег на Турција, за да ја гради својата фабрика. Според плановите, во оваа фабрика треба да се гради новата генерација на Passat, како и сестринскиот модел Škoda Superb, почнувајќи во 2022. година, со максимален годишен производствен капацитет од 300.000 возила.
Бугарија, Романија и Србија се надеваа дека VW групацијата ќе ги врати на иницијалниот список за можни дестинации за 1.3 милијарди евра вредната фабрика откако бордот на VW ja одложи инвестицијата во Турција поради интернационалните критики за воените операции на Турција во Сирија.
Volkswagen не очекува да има проблеми со капацитетот и покрај одложувањето на одлуката. Ако изградбата на фабриката во Турција сепак се откаже, VW би можеле да одлучат да го произведуваат новиот Passat во фабриката во Братислава, со оглед на тоа дека актуелната фабрика во која се произведува Passat, во Емден, Германија, ќе се насочи кон производство на целосно електрични автомобили во 2022. година.