fbpx

Volkswagen објави дополнителни детали за новиот Golf GTI

Многу новини и унапредување на голем број работи може да се очекуваат кога станува збор за најновата, осма генерација на популарниот „хот хеч“ Golf GTI

Volkswagen требаше да ја одржи премиерата за новиот Golf GTI, како и GTD и GTE на Меѓународниот Салон за автомобили во Женева, но по откажувањето поради пандемијата на коронавирусот, популарниот „хот хеч“ своето деби го забележа преку виртуелен пат. Сега, германскиот производител изнесе и дополнителни информации поврзани за осмата генерација на Golf GTI.

Овој перформантен автомобил пристигнува со новиот 2,0-литарски турбомотор на Volkswagen кој испорачува 245 КС (180 kW) и 370 Nm максимален вртежен момент. Тоа претставува раст од 10 kW и 20 Nm во однос на актуелната генерација на овој модел. Купувачите ќе можат да бираат меѓу мануелен и седумстепен DSG менувач. Според податоците на Volkswagen, дури 40 проценти од купувачите се одлучувале за мануелната трансмисија. Тоа е повеќе од убедлива причина за да продолжат со овој тренд.

Стандардниот перформантен хардвер се одликува со два особено забележителни детали. Тоа се диференцијалот со ограничено пролизгување и комплексниот Vehicle Dynamic Manager систем. Додека стандардниот диференцијал со ограничено пролизгување не е непознат кога станува збор за Golf GTI, VDM системот е главна аквизиција и претставува „мозокот“ задолжен за перформансите. Тој ги надгледува клучните системи, вклучително и адаптивните амортизери, споменатиот диференцијал и управувањето. На патот, , меѓу останатото, овој „мозок“ може да додаде кочничка сила на внатрешното тркало. Исто така, може да ја забрза реакцијата на автомобилот на командата на управувачот и да ја регулира крутоста на попречните хоризонтални стабилизиратори. Сето ова, велат од Volkswagen, го прави новиот Golf GTI значително подинамичен во возењето во однос на претходникот.

Кога станува збор за хардверот, германскиот производител обрна внимание на системот за потпирање, реконфигурирајќи ги амортизерите, со инсталација на полесни алуминиумски потструктури напред. Ударите на амортизерите се 5% покрути напред и 15% покрути позади во однос на актуелната генерација на Golf GTI.

Volkswagen за новиот Golf GTI ќе понуди пет опции за фелни, вклучително единици од 17, 18 и 19 инчи. Сите тркала пристигнуваат со Bridgestone гуми, со тоа што последните со ширина 235, за подобро триење на асфалтот. Volkswagen исто така во понудата ќе ја стави и Michelin Pilot Sport Cup 2 опцијата.

На тест патеката во Германија, Бенјамин Лојхтер возеше GTI Mk7 Performance и GTI Mk8 со идентична моќност и идентични пневматици. На патеката долга 3,2 километри, новата генерација на Volkswagen Golf GTI оствари дури четири секунди подобро време. Со ова јасно е дека новајлијата од Волфсбург на подобар начин ја испорачува својата моќност на асфалтот.

Поврзани вести

Back to top button