Освежениот VW Arteon и новиот ID.4 откриени во Кина
Кинеското министерство за индустрија и информациска технологија ги расипа плановите на Volkswagen откривајќи го изгледот на освежениот Arteon и новиот ID.4
Според правилата, автомобилските производители во Кина во пресрет на лансирањето на новите возила, мора да ги прикажат автомобилите целосно без цензура и камуфлажа, што потоа се објавувани од страна на министерството за индустрија и информациска технологија на нивниот официјален вебсајт. Така, Volkswagen повторно е „жртва“ на кинеските регулативи, а сега во јавноста се појавија освежениот Volkswagen Arteon со новата Shooting Brake верзија, како и новиот електричен кросовер ID.4.
Кога станува збор за електричниот модел, ID.4 ќе се нуди во две варијанти во Кина – едниот е ID.4 X (бела боја), додека вториот е ID.4 Crozz (сива боја), со што овој назив за прв пат се наоѓа на еден продукциски модел на Volkswagen. Дизајнерскиот јазик е очигледно мошне близок со ID.3 електричниот хечбек и не претставува никакво изненадување во однос на концептот и шпиунските фотографии кои се појавуваа изминатиот период.
Според информациите на кинеските медиуми, ID.4 X и ID.4 Crozz имаат исто меѓуосовинско растојание од 2.765 милиметри и ширина од 1.852 милиметри, но висината и должината се различни. ID.4 X доаѓа со должина од 4.612 милиметри, односно висина од 1.640 милиметри. Од друга страна, ID.4 Crozz е нешто понизок и пократок со димензии 4.592 мм должина и 1.629 милиметри висина.
Двата модели ќе бидат произведувани од страна на FAW-Volkswagen базирани на MEB архитектурата за електрични возила. ID.4 X и ID.4 Crozz ќе го имаат истиот електромотор како и најмоќните модели на ID.3, кој испорачува 204 КС и најверојатно ќе биде поставен на задната осовина, како што е случајот и кај електричниот хечбек. Изборот на батерии ќе биде сличен, со тоа што најголемата ќе нуди автономија од околу 500 километри според NEDC.
Рестилизираниот Arteon и новата Shooting Brake верзија
Од друга страна, освежениот Volkswagen Arteon, кој во Кина се продава под називот CC, според најавите официјално ќе биде претставен на 24 јуни. Од претходно е познато дека Volkswagen ќе ја прошири понудата за Arteon со Shooting Brake верзија, а благодарение на овие фотографии, ние можеме да го забележиме изгледот пред официјалната промоција.
Настрана новиот дизајн на задната страна, исто така може да се забележи нагласениот изглед на предницата. Shooting Brake верзијата на Arteon ќе се појави на пазарот заедно со рестилизираната liftback верзија, а во Кина ќе се продава единствено во крос верзија, односно со црни детали во долниот дел од каросеријата.
Според информациите од Кина, Arteon Shooting Brake нема да се разликува според димензиите кога станува збор за ширината и висината од оригиналната седан верзија, а ќе има и идентично меѓуосовинско растојание. Сепак, ќе има поголема должина, од 4.865 до 4.869 милиметри. Од она што може да се забележи, меѓу карактеристиките на освежениот Arteon се и LED светлата, панорамскиот покрив, затемнетите задни стакла како и 18 и 19-инчните тркала.
Кога станува збор за моторизацијата, кинеските варијанти ќе користат само четирицилиндрични 2.0 TSI турбобензински мотор кој испорачува 186 КС, а ќе се нуди во комбинација со седумстепен менувач со двојна спојка. Во Европа се очекува Arteon да се напојува со широка палета на моторни единици, истото важи и за Shooting Brake верзијата.