VW и понатаму доминира, Golf пак ја покори Европа
И покрај падот на продажбата од девет проценти и промената на генерацијата во 2019 година, најпродаваниот модел на VW повторно ја потврди својата доминација во Европа
Volkswagen Golf е 44-та година по ред најбаран модел на европскиот пазар, покажуваат резултатите кои ги објави сајтот focus2move.com. Перјаницата на германскиот производите минатата година дојде до 458.595 продадени модели ширум Европа. Golf ја задржа првата позиција и покрај падот од 9% во однос на 2018 година и промената на генерацијата, откако во октомври беше претставен новиот модел, осми по ред од 1974 година кога овој автомобил за прв пат се појави на пазарот.
На второто место е уште еден модел на Volkswagen, Polo, со 330.922 испорачани примероци, со пад од 12,8 проценти на годишно ниво, додека на третото место е Renault Clio со 302.994 продадени единици, кој исто така имаше пад и тоа од дури 17,4 проценти во споредба со 2018.
На четвртото место уште еден модел на Volkswagen, а тоа е SUV моделот Tiguan, додека на петтото место е Škoda Octavia. Одличен продажен резултат во 2019 година оствари романскиот бренд Dacia, која со два модели успеа да се пробие во Топ 10. Sandero годината ја заврши на осмото место, а Duster на десеттото, со раст од речиси 20 проценти.
Листата на најбарани модели во 2019 година е сочинета на основа на податоците за продажба од 44 земји во Европа, од Португалија на запад, до Русија на исто, а ги опфати и големите пазари како што се Украина и Турција.
Volkswagen групацијата доминира во светски рамки
Инаку, Volkswagen доминира и во светски рамки, со оглед на тоа дека германската групација продала најмногу автомобили во светот во 2019 година. Дилемите околу тоа дали Toyota поминала подобро се расчистени, со оглед на тоа дека јапонскиот производител обелодени дкеа во минатата година продал 10,59 милиони возила ширум светот.
Со оглед на тоа дека Volkswagen соопшти дека испорачал 10,83 милиони единици, јасно е дека во 2019 година го надмина својот голем конкурент, но и не само него. VW групацијата била поуспешна и од алијансата Renault-Nissan, која минатата година продала 10,75 милиони возила, со што исто така ја надмина Toyota и ја зазеде втората позиција. Имено, Nissan во 2019 година испорачал 5,65 милиони автомобили, Renault 3,9 милиони, а третата компанија која работи во рамките на алијансата – Mitsubishi, допринел во вкупната продажба со 1,2 милиони возила.
Интересно е дека минатогодишната продажба на Toyota е зголемена за 2 проценти во однос на 2018, додека онаа на Nissan опадна за речиси 3 проценти. Mitsubishi бележи раст на продажбата за дури 18 проценти на годишно ниво, а Renault 3 проценти.