VW ќе потроши 7 милијарди за да ја претвори Шпанија во ЕВ центар
Volkswagen ги сподели своите амбициозни планови за електрифицирање на Шпанија и цела Европа преку Electric Vehicle PERTE програмата
Групацијата Volkswagen најави дека ќе аплицира за шпанската програма Electric Vehicle PERTE, која има за цел да ја промени економијата на земјата со инвестирање во проекти поврзани со производство на електрични и конектирани автомобили.
Автомобилскиот конгломерат, кој во своето портфолио ги поседува шпанските брендови Seat и Cupra, истсакнува дека нивниот план е да се електрифицира земјата со креирање на европски центар за електрични автомобили, градејќи производство за батериски ќелии и креирање на одржлив „E-екосистем“. VW го нарекува овој план Future Fast Forward и истиот вклучува, меѓу Volkswagen и надворешните партнери, вкупна инвестиција од повеќе од 7 милијарди евра.
„Овој проект е исклучително важен – за Volkswagen, за Шпанија и за цела Европа. Наша амбиција е да ја електрифицираме Шпанија и имаме намера да инвестираме повеќе од седум милијарди евра заедно со надворешни добавувачи за електрификација на нашите фабрики во Марторел и Памплона и локализација на батерискиот вредносен ланец во Валенсија“, изјави Томас Шмал, шефот за технологија во VW.
Доколку шпанската влада го одобри планот, Volkswagen вели дека ќе изгради фабрика за батерии во Валенсија која ќе испорачува 40 GWh на годишно ниво. Фабриката ќе ги произведува престојните нови батерии на производителот, ќе се напојува со обновлива енергија и ќе овозможи обновливо производство на батерии.
Една од шесте Гигафабрики во Европа
Во фабриката ќе работат 3.000 луѓе, а Volkswagen сака да го отвори овој погон до 2026 година. Со цел да го направи тоа, велат дека изградбата мора да започне до крајот на оваа година и дека ќе зависи од тоа дали шпанската влада ќе ја прифати нивната PERTE апликација и ќе ги финализира сите дозволи во тесниот временски рок.
„За да бидеме конкурентни во новиот електричен свет, сега мораме да ја подигнеме нашата продуктивност во производството на шпански автомобили. Мораме да квалификуваме голем број од нашите луѓе за новите задачи, вклучително и развојот и производството на батерии. За ова е потребна голема флексибилност од сите и можна промена на работните позиции“, вели Шмал.
Тој додаде дека ако VW ја добие поддршката од владата, планот ќе има позитивен ефект на вработувањето во земјата. Шпанија е вториот најголем производител на возила во Европа, а средствата за PERTE неодамна беа одобрени од страна на Европската унија.
Севкупно, Volkswagen планира да изгради шест Гигафабрики во Европа со вкупен годишен капацитет од 240 GWh.