fbpx

VW става крај на продажбата на конвенционални возила до 2035

Електрификацијата во Европа зема сериозен замав, а Volkswagen е последниот во низата производители кој означи датум за крај на конвенционалните модели

Крајот за автомобилите кои користат мотор со внатрешно согорување се наближува, а Volkswagen веќе стави точен датум кога ќе стави крај на продажбата на конвенционалните возила во Европа. Според информациите, VW во својата понуда ќе има само електрични возила во периодот помеѓу 2033 и 2035. Ова го откри шефот за продажба на Volkswagen, Клаус Целмер во интервју за германскиот весник, Muenchner Merkur, а пренесува Automotive News Europe.

Во моментов ова не претставува никакво изненадување, бидејќи се повеќе и повеќе производители најавија слични планови во изминатите месеци, а се со цел да се намали карбонскиот отпечаток и да се помогне во расчистување на околината. Но, пред се, за да можат да се задоволат се построгите регулативи во Европа, секако.

Во истото интервју, Целмер додаде дека роковите за САД и Кина се „нешто подоцна“, иако не спомена конкретна година. Во Јужна Америка и Африка, за целиот процес ќе биде потребно „нешто повеќе време“, со оглед на тоа дека двата региони не се подготви се уште за електричните автомобили, политички и инфраструктурно.

Треба да се земе предвид дека овие рокови се поставени исклучиво за Volkswagen брендот, а не за целата VW групација. Но, за да се добие една поширока перспектива, Целмер во интервјуто истакна дека целата VW флота би требало да биде CO2 неутрална најдоцна до 2050 година.

Инаку, Volkswagen работи сериозно на електрификациската офанзива. Веќе се лансирани неколку ID модели, а се очекуваат уште повеќе во следните години и месеци.

 

Поврзани вести

Back to top button