Женева 2018: Lexus подготвува премиера на својот најприфатлив SUV
Јапонскиот производител Lexus ја подготвува премиерата на најприфатливиот SUV во својот асортиман
Тој ќе се вика Lexus UX, а ќе биде официјално претставен на салонот во Женева, во почетокот на март.
Компанијата го покажа првиот тизер на моделот, но сé уште не е јасно дали ќе видиме прототип или автомобил кој ќе биде целосно достапен на пазарот на швајцарското ауто-шоу. Исто така, не се откриени никакви технички карактеристики на моделот. Според штурите податоци, Lexus UX ќе биде најевтиниот SUV на брендот и ќе го потисне сегашниот NX од оваа позиција.
Тоа значи дека новиот модел ќе чини помалку од 40.000 евра. Покрај тоа, идниот UX ќе го замени и најмалиот Lexus во гамата, моделот CT 200h- хибриден хечбек, а главните конкуренти на моделот ќе бидат Mercedes-Benz GLA и Infiniti QX30.
Новиот Lexus кросовер се очекува да добие 2.0-литарски 170 КС атмосферски мотор и 178 КС хибридна единица. Компанијата веќе ги регистрираше трговските имиња UX 200, UX 250 и UX 250h, што покажува дека моделот ќе има најмалку 3 модификации.