fbpx

BMW го потврди пристигнувањето на тандемот M3 и M4 за септември

Најсилните модели од актуелната Серија 3 и Серија 4 ќе се нудат со две нивоа на моќност и погон на задните или на сите четири тркала

BMW M3 и M4 наскоро пристигнуваат, а тоа значи дека тестовите се при крај и дека двата автомобили наскоро ќе се појават и на улиците. Во M одделот на BMW полека завршуваат со тестирањата на новите генерации на моделите M3 Sedan и M4 Coupe, а за напојувањето на двата модели и овојпат ќе биде задолжен 3,0-литарскиот шестцилиндричен битурбо мотор кој ќе биде значително помоќен од верзијата која ги напојуваше претходните генерации на M3 и M4.

BMW M3 и M4

Новите M перформансни модели на Серија 3 и Серија 4 во освновата верзија ќе располагаат со 480 КС, за чија дистрибуција на задните тркала ќе биде задолжен рачниот менувач, а во верзијата Competition, моторот кај двата модели добива дополнителни 30 КС, односно ќе испорачува 510 КС. Во овој случај, моќноста на задната осовина ќе се пренесува благодарение на осумстепениот М Steptronic автоматски менувач. BMW двата модели ќе ги понуди и во комбинација со адаптивен погон на сите четири тркала, односно xDrive, по примерот на М5.

Податоците за перформансите на двата модели се уште не се објавени, а по долгите тестови на патеката Nürburgring Nordschleife, во M одделот одлучија тестирачките прототип модели да ги испробаат и на други познати патеки, како што е и Sachsenring. Токму на оваа патека настанаа и последните камуфлажни фотографии кои ги објави BMW.

Германската компанија потврди дека новите M3 и M4 ќе ја доживеат својата премиера кон средината на септември, а BMW исто така најави дека наскоро ќе биде претставен и тркачкиот M4 GT3.

Поврзани вести

Back to top button