IAA 2019: Криза во Франкфурт
Реструктуирањето и намалувањето на трошоците кај автомобилските компании, високите цени за изнајмување простор, заткулисните политички превирања и алтернативните начини на преставување новитети водат кон нарушување на постоечкиот концепт до кој строго се држат традиционалните автомобилски изложби
Заврши салонот кој беше водечката меѓународна платформа за најновите случувања во светот на мобилноста, кој oд 12 до 22 септември под слоганот „Driving tomorrow“ ги отвори вратите на IAA 2019 во просторот на франкфуртскиот саем. Голем број на компаниски гости како и пошироката јавност имаа можност да ги видат најжешките брендови, добавувачи и новодојденци во индустријата, можеа да се запознаат и со производите на иновативните даватели на услуги за мобилност, новоразвиените производи од високо-технолошките компании и секако, несекојдневните start-up компании од целиот свет. Премиери на најразлични нови автомобили и продукти можеа да се сретнат во речиси сите хали, но сепак нешто недостасуваше.
Отсуството на брендови вклучувајќи ги тука и гигантите, групациите кои ги водат Toyota, Renault, Peugeot, Fiat и луксузните марки како Ferrari, Aston Martin, Bentley, Bugatti и Rolls-Royce секако преставува сериозен удар за организаторите, германското здружение за автомобилска индустрија. Згора на тоа, илјадници активисти кои се против климатските промени протестираа пред влезот, истакнувајќи ги застрашувачките тензии меѓу германската автомобилска индустрија и еколозите во земјата. Ако на сето тоа се додаде и бројката на посетители која е намалена за речиси една третина, слободно може да се запали црвеното светло и да се вклучи алармот.
Реструктуирањето и намалувањето на трошоците кај автомобилските компании, високите цени за изнајмување простор, заткулисните политички превирања и алтернативните начини на преставување новитети водат кон нарушување на постоечкиот концепт и создавење криза во која се втурнати поголемиот број автомобилски салони во Европа и Северна Америка.
Иако големите брендови продолжуваат да ги следат своите новопреставени агенди за промени, барајќи да се репозиционираат како индустрија која се грижи за планетата, демонстрирајќи ја нивната зголемена заложба да ги декорираат своите флоти со нови електрични модели не успеаа во целост да го понесат шоуто на свои плеќи.
Засега е тешко е да се дојде до кој било заклучок, освен дека промени со сигурност ќе има, а за тоа потврдуваат и написите на добро информираните германски медиуми кои соопштија дека одлуката за новиот формат и локацијата на овој салон ќе биде донесена напролет. Како претендент за наследник се споменува Берлин, кој со своето младо, технолошко население кое брои 3,75 милиони и многуте стартап компании кои се фокусурани на мобилност, може да биде избор за следното шоу, пишува весникот „Билд“.
Дека не е се така црно ни поакажаа брендовите кои настапија на IAA 2019 со извонредните креации што го обележаа овогодинешното шоу. Водечките ѕвезди на салонот кои по наше мислење се издвоија од останатите се: првото целосно електрично Porsche, моделот Taycan, Sian, првиот хибриден модел на Lamborghini кој ќе биде произведен во лимитирана серија од само 63 примероци, насленикот на популарната „буба“ и Golf, моделот Volkswagen ID 3. Во оваа група влегуваат и наследникот на off-road легендата, Land Rover Defender и новата генерација на Opel Corsa која освен со класични мотори со внатрешно согорување се нуди и во потполно електрична верзија. Тука се вбројуваат новите Puma и Kuga на Ford што освен во стандардни верзии доаѓаат и во plug-in hybrid изведби. Забележлив настап имаа и Bayton, Wey, Hongqi, кинеските автомобилски компани кои покажуваат голем напредок во имплеметирање на најновите технолошки и електрични решенија во своите модели кои се сé поблиску до официјално лансирање на европско тло.