Maserati MC20 официјално пристигна
По долгата кампања и одложувањата наметнати од пандемијата на коронавирусот, Maserati конечно го претстави целосно новиот MC20
Супер спортскиот автомобил кој е природна еволуција на MC12 кој е базиран на Ferrari, Maserati MC20 одбележува почеток на една нова ера за италијанската компанија. Пред се тоа се однесува на фактот дека MC20 во себе го има целосно новиот битурбо 3,0-литарски V6 мотор кој е „100% Maserati“. Моторот испорачува 630 КС и 730 Nm максимален вртежен момент.
Моторната единица е поврзана со осумстепен автоматски менувач со двојна спојка. Истиот ја испраќа моќноста на задните тркала преку лимитиран слип диференцијал. Ова овозможува спринтот до „стотка“ да се достигне за помалку од 2,9 секунди. Максималната брзина е 325 километри на час.
Купувачите исто така ќе можат да добијат и електричен погон. Компанијата засега ги држи во тајност спецификациите, но електричниот MC20 наводно ќе достигнува до „стотка“ за 2,8 секунди и ќе има максимална брзина од 310 километри на час. Исто така, се очекува да мине до 323 километри со едно полнење.
https://youtu.be/FMQ0EmIc_4k
Од Maserati не откриваат премногу за автомобилот, но благодарение на големата употреба на карбон, неговата тежина е помала од 1.500 килограми. Кога станува збор за димензиите, MC20 е долг 4.669 милиметри, широк е 1.965 милиметри, а висок е 1.221 милиметри. Меѓуосовинското растојание изнесува 2.700 милиметри.
На предниот дел Maserati MC20 се одликува со широка решетка и истакнат сплитер. Дизајнерите исто така инсталираа LED предни светла и отвори за воздух кои ќе помогнат во аеродинамиката. Движејќи се кон задниот дел забележливи се аеродинамичните странични прагови и врати кои се отвораат нагоре. Автомобилот е поставен на 20-инчни тркала. Задниот дел од автомобилот е веројатно и најубавиот кој се одликува со двоен завршеток на издувниот систем и големиот дифузер.
Од Maserati истакнуваат дека дизајнот и аеродинамиката на автомобилот се усовршени благодарение на повеќе од илјада компјутерски симулации и повеќе од 2.000 часа во Dallara Wind Tunnel. Од компанијата тврдат дека коефициентот на отпор е помал од 0,38.
Maserati исто така потврди дека постојат планови за кабрио варијанта, но не открија повеќе детали. Сепак, се очекува оваа верзија да пристигне во текот на следната година.
Во внатрешноста, MC20 се одликува со 10-инчна дигитална инструмент табла и 10-инчен инфозабавен систем. Централната конзола е обложена во карбон, а поседува и бежичен полнач за паметни телефони и селектор за режими на возење – GT, Wet, Sport, Corsa и ESC Off режими.
Забележлив е и управувачот обложен со карбон и големи копчиња за стартување на моторот. Тука се и педалите од легура, Sabelt седиштата и Sonus Faber аудио системот.
Производството треба да започне подоцна оваа година, а Maserati веќе прима нарачки.