Nissan го претстави новиот Z Proto
Nissan 370Z беше претставен пред една деценија и веќе одамна ги помина своите најдобри години, а сега пристигнува нов Z автомобил во компанијата
Иако продажбата можеби не е како некогаш, Nissan не е подготвен да се откаже од легендарниот Z автомобил. Наместо тоа, тие го најавија моделот за следната генерација со ретро инспирираниот Z Proto. Наречен како „темелен модерен спортски автомобил“ кој оддава почит на 50-годишното Z наследство, Z Proto спортскиот автомобил пристигнува со светла и сјајна жолта флуоросцентна боја на надворешноста, која е користена и на оригиналниот спортски автомобил. Но, финишот на екстериерот не е единствениот ретро „допир“, со оглед на тоа дека хаубата и ретровизорите се оригинални, додека LED светлата во форма на капки потсетуваат на JDM 240ZG од 70-тите.
Иако правоаголната решетка е потсетник на моделот во заминување, дизајнерите додадоа и перки кои се потсетник на минатото. Задниот дел е нешто помодерен и влече инспирација од Nissan 300ZX и се одликува со карактеристични задни светла кои се „реинтерпретирани за модерниот свет“. Тие се врамени во црна позадина, за што Nissan вели дека се добива „остар сјај“.
Автомобилот е поставен на 19-инчни тркала и има двоен издувен систем. Исто така, автомобилот се одликува со голем број на карбонски елементи, вклучително и предниот сплитер и страничните прагови.
Кога станува збор за димензиите, Nissan Z Proto е 4.382 милиметри долг, 1.849 милиметри широк и 1.311 милиметри висок. Со ова моделот е 127 милиметри подолг, 5 милиметри поширок и 5 милиметри пократок од 370Z.
И додека екстериерот има ретро „вајб“, кабината е целосно модерна. Истата се одликува со 12,3-инчна дигитална инструмент табла и модерен инфозабавен систем. Возачите исто така ќе се сретнат со модерен управувач, жолти акценти и препознатливите мерачи.
Од Nissan не откриваат премногу детали, но истакнаа дека „добивале совети од професионални мотоспорт легенди со цел Z Proto да добие идеална спортска кабина, како за патиштата, така и за патеките“. Како дел од овие напори, тимот ги направи клучните контроли и информации полесно достапни за возачите.
Од компанијата исто така потврдија дека автомобилот се напојува со битурбо V6 мотор кој е поврзан со шестстепен мануелен менувач. Од Nissan се уште не зборуваат за официјални бројки, но посочуваат дека новиот Z има поголема моќност од неговиот претходник.
Моторот се очекува да биде позајмен од Infiniti Q60 Red Sport 400. Ова значи дека можеме да очекуваме моќност од речиси 406 КС и 474 Nm максимален вртежен момент. Тоа би бил сериозен напредок со оглед на тоа дека актуелниот 370Z има 3,7-литарски V6 со 337 КС и 366 Nm.
Nissan не откри кога продукцискиот модел ќе пристигне, но веројатно би требало да дебитира кон почетокот на следната година. Американците претпоставуваат дека цената ќе изнесува околу 40.000 долари.